Општина Петровец го распиша огласот за продажба на шест градежни парцели за изградба на индустриски објекти во близина на селото Ржаничино. Станува збор за локации со површина од 14.537 до 18.839 метри квадратни, кои се наменети за изградба на објекти од лесната и незагадувачка индустрија. Вкупната површина на огласеното градежно земјиште изнесува 102.023 метри квадратни. Парцелите се продаваат по почетна цена од 61 денари за метар квадратен.
Заинтересираните субјекти за купување на земјиштето треба да достават банкарска гаранција за сериозност на понудата, заедно со пријава за учество на електронската лицитација, најдоцна до 19 јули. Јавното наддавање е закажано за 21 јули. Територијата на општина Петровец е една од најпривлечните дестинации за инвестирање во нови објекти во нашата земја, благодарејќи на близината на скопскиот аеродром, автопатот и железничката пруга од Коридорот 10.