Претходна статија
Домашна фирма ќе гради хотел кај Горица
Следна статија
ОСВРТ: Коридор 4 како конкуренција на Коридор 10

Ќе живне велешката индустриска зона „Речани 2“

Објавено на 04.11.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Државата ќе инкасира 14.771.933 денари од вчерашното јавно наддавање на кое продаде 18 градежни парцели во велешката индустриска зона „Речани 2“. Парцелите со вкупна површина од 17.910 метри квадратни се со намена за складишта, производство и занаетчиство, а за нив пристигнале 175 пријави за учество на наддавањето. Најповолните понудувачи се должни да ги уплатат средствата во рок од 15 дена и да обезбедат дозволи за градба во рок од 9 месеци. Заради поттик на локалното стопанство и отворање на нови работни места, Општината планира да ги ослободи од плаќање на комуналии.


Инфраструктурата во зоната беше градена со средствата од наградата за добро проектно управување што Општина Велес ја доби од Европската Унија во рамките на програмата „Награда за општините“. Со инвестиција од 197.000 евра, просторот кој се наоѓа во непосредна близина на автопатот Скопје – Велес доби сообраќајна инфраструктура. Општината вложи дополнителни 25.000 евра за друга инфраструктура, а ЈКП „Дервен“ обезбеди средства за поставување на водоводна мрежа.


Зоната „Речани 2“ опфаќа 33 парцели со просек на површина од 1000 метри квадратни. За разлика од другата актуелна велешка индустриска зона, „Комплекс УЗУС Велес“, Речани подолг период се соочуваше со проблеми и покрај изградената инфраструктура. Претходно беа продадени 12 плацови на заинтересирани домашни инвеститори, но продажбата на 18-те парцели од завчерашното наддавање беше блокирана две години поради имотно-правни спорови во врска со денационализацијата.