Сообраќајниот метеж во скопските општини Чаир и Бутел ќе се надминува преку изградба на нов натпатник во близина на железничката станица Скопје Север. Градот Скопје сака да ја продолжи улицата Лазо Трповски од населбата Топанско Поле кон Бутел. Надземната патна врска над железничката пруга би се изградила на потегот од улицата Босна и Херцеговина до улицата Боца Иванова, со што би се решил сообраќајниот хаос што моментално владее на улиците Бутелска и Шуто Оризари.
Градските власти распишаа оглас на кој се бара проектантско биро што ќе го изработи идејниот проект за натпатникот. Проценките се дека првата фаза од изработката на проектната документација ќе чини околу 2 милиони денари. Градот ги очекува понудите до 3 јули.