По последниот штрајк на машиновозачите од Македонски железници-Транспорт, во јавноста повторно се отвори прашањето за евентуалната либерализација на железничкиот сообраќај во земјава. Македонски железници-Инфраструктура вчера јавно го критикуваше штрајкот на дел од железничарите, посочувајќи дека ова јавно претпријатие се соочува со огромни загуби. Од јавното претпријатие вчера јавно побараа од новата влада да го разгледа прашањето за либерализација на железничкиот сообраќај во земјава, нагласувајќи дека искористеноста на пругите и останатите капацитети не е повеќе од 5-7%.
„Проблемите во железничкиот систем настанаа со измените на законот за железнички систем во ноември 2011 година, со кој спротивно од ЕУ директивите 2001/14 и 2012/34 се забрани либерализација на пазарот“ соопштуваат од МЖ-Инфраструктура. Новиот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев во денешната изјава за медиумите нагласи дека има размислувања за либерализација на транспортот со железници.
„Инфраструктурата останува државна, пругата, шините, целата сообраќајна инфраструктура останува во делот на Инфраструктура како што е и денеска, но може да се случи да има повеќе оператори за транспорт кои што ќе имаат свои возила односно изнајмени возови и ќе сообраќаат со цел да се создаде конкуренција. Но, нормално тука ќе се внимава и за државниот интерес, односно за интересот на транспортот“ изјави Кочо Анѓушев.
Идејата за либерализација на железничкиот сообраќај доаѓа по многубројните штрајкови на железничарите што се одвиваа во изминативе месеци. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат рекордно намалување на транспортот со возови во земјава, кој е опаднат на најниско ниво од осамостојувањето во делот на патничкиот и на товарниот сообраќај.
За влегување на македонскиот пазар уште пред неколку години беше нагласен интересот на Словенечките железници и на чешката приватна компанија „Локо транспорт“. Во европските земји најчесто се применуваат два модела за либерализација на железничкиот сообраќај – укинување на монополот на државното железничко претпријатие со воведување на нови компании, но и приватизација на дел од единствениот оператор во државна сопственост.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk