Општина Кочани ја започна реализацијата на проектот за изградба на пречистителна станица за отпадни води кај селото Мојанци. Капиталниот проект, чија вредност изнесува 23 милиони швајцарски франци, ќе треба да ги опфати отпадните води од Кочани и од околните села, со вкупен број на население од 58.000 жители. Локалните власти во изминативе месеци ги изведуваа подготвителните работи за проектот, а во наредните денови треба да почнат и градежните активности за изведба на пречистителната станица. Реализацијата треба да финишира до крајот на 2018 година.
За изведувач на градежните работи е избрана германска компанија од страна на швајцарскиот консултант „СЕКОК“. Овој проект е една од најзначајните донации на Швајцарската Конфедерација во нашата земја. Најголем дел – 21 милион швајцарски франци од вкупниот буџет се обезбедени како донација од Швајцарија, додека останатите 2 милиони швајцарски франци ги обезбеди Република Македонија.