Со повеќе од една година задоцнување, новиот објект на Турскиот театар е издигнат на ниво на карабина. Министерството за култура ја заврши реализацијата на првата фаза од градежниот зафат, за која беа издвоени 4,5 милиони евра од државниот буџет. Театарското здание кај Транспортниот центар – Скопје во наредниот период ќе треба да се комплетира со финансиски средства обезбедени од турската држава. Втората фаза од проектот треба наскоро да почне со реализација, а очекувањата се дека театарскиот ансамбл ќе се пресели во новата зграда најдоцна за три години.
Првата фаза од проектот ја изведе фирмата „Бетон“ од Скопје. Новиот објект се гради врз основа на идејното решение изработено од архитект Виктор Михајлов. Основниот проект го изготви „Македонија Проект“, а камен-темелникот беше поставен во јануари 2014 година.
Објектот на Турскиот театар во Скопје е предвидено да има пет надземни и три подземни нивоа, две театарски сали со капацитет од 450 посетители, изложбена галерија, културно информативен центар, мултимедијална сала, книжарница и национален ресторан.