Претходна статија
Во живописната Белчишта ќе се гради Еко-музеј со средства од ЕУ
Следна статија
Започната изградбата на експресниот пат Штип - Кочани

Зделките за кинеските автопати го оштетиле буџетот за фантастични 155 милиони евра

Објавено на 22.05.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешната прес-конференција информираше дека отворило нова истрага со работен наслов „Траекторија“ што ја опфаќа изградбата на двата автопати Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип. СЈО отворило истрага против четири поранешни владини функционери, кои се сомничат дека со повеќе противправни дејствија ги искористиле и пречекориле своите овластувања и му нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра. Обвинителите посочуваат дека на компанијата – изведувач тие и овозможиле да се стекне со имотна корист за утврдената сума.

 

 

Од обезбедените докази може да се утврди дека поранешните функционери во постапката за избор на компанија што ќе ги гради двата автопата ја одбегнале примената на Законот за јавни набавки, но и постапиле спротивно на условите поставени од Кинеската влада и од кинеската „Ексим банка“ како заемодавач. „Иако според претходно дефинираните услови осомничените изборот на изведувач требало да го извршат според домашното законодавство, а откако проектната документација ќе ја достават на компании во Кина кои се наоѓаат на листа на кинески компании квалификувани за спроведување на вакви проекти, тоа не го сториле, а проектната документација ја доставиле само до две кинески компании“ информираа денеска од СЈО.

 

Тројцата осомничени лица поттикнати од првоосомничениот, во јануари 2013 година ги започнале преговорите само со една компанија, иако биле доставени две понуди. Втората компанија која воопшто не била повикана на преговори доставила дополнителна пониска понуда, но осомничените ваквата понуда не ја евидентирале никаде и ја сокриле. По ваквиот потег, тие парафирале усогласен текст на договор за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид со компанијата која имала повисока понуда. Од СЈО истакнуваат дека поранешните функционери се под основано сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување.

 

Изградбата на овие автопатски делници се одвива со сериозни забелешки. Социјалдемократите пред две години објавија телефонски разговори како посебна бомба, во која се споменуваат проценти како провизија од компанијата – изведувач за добивање на работата. Државниот завод за статистика пред само неколку месеци излезе со дополнителни критики што имаат сериозни финансиски импликации врз државниот буџет.

 

Во Ревизорскиот извештај за работењето на Јавното претпријатие за државни патишта за 2015 година се констатира дека 90% од обврските кон компанијата-изведувач се исплаќаат во американски долари, иако вкупниот промет од изградбата се одвива во земјава. Ревизорите во извештајот укажуваат дека вредноста на договорот се евидентирала во евра, а пресметката на обврските од евра во американски долари е врзана со девизен курс од 1 февруари 2013 година. Плаќањето на изведувачот се одвивало по продажен курс кој важел на денот на исплатата, со што се оформиле негативни курсни разлики што го оштетиле буџетот на ова јавно претпријатие.