После осум години изградба, вчеравечер со свечен концерт беше отворен новиот дом на Македонската филхармонија во центарот на Скопје. Музичкиот храм има површина од 12.400 метри квадратни и две сали – голема сала со капацитет од 1.000 седишта и мала повеќенаменска сала со капацитет од 310 места, од кои 168 се фиксни седишта, 110 се телескопски и 32 се мобилни седишта.
Објектот е изграден според идејното решение на архитектот Виктор Михајлов, а за акустиката беше задолжен Јорг Кумел. Основниот и изведбениот проект беше изработен од проектантската куќа „Македонија проект“, а изведувачи беа домашната фирма „Гранит“ и австриски „Штрабаг“.
Изградбата на Филхармонијата чинеше 39.9 милиони евра и беше проследена со повеќекратно пробивање на роковите и на првично најавениот буџет. Особен проблем на изведувачите им задаваше изведбата на покривот. Објектот значително се разликува од оригиналните рендери од 2009 година, како и од темелно ревидираните рендери кои ѝ беа презентирани на јавноста откако започна реализацијата на проектот.
Од ситуацијата на терен, останува впечатокот дека иако беше свечено отворен, објектот сепак сè уште не е готов. Во голем број простории продолжуваат градежните работи, а порталот СДК објави дека зданието не е заведено во Катастарот, дека парцелата сè уште се води како камењар, како и дека надлежните одбегнале да одговорат дали е направен технички прием и дали објектот има одобрение за употреба.
» Форумска дискусија за овој проект