Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта непречено ги реализираат активностите за реконструкција на автопатската делница меѓу Скопје и Куманово. Трасата од Куманово до Скопје е речиси целосно завршена и наскоро ќе биде пуштена во употреба. Деновиве започна и рехабилитацијата на автопатот во правец од Скопје кон Куманово. Финансиските средства од околу 10 милиони евра се обезбедени преку ИПА фондовите на Европската Унија.
Санацијата на коловозот во двата правци се одвива на потегот од Куманово до селото Миладиновци во должина од 23 километри. Реконструктивниот зафат започна пред една година, а се очекува градежните работи да завршат годинава. Паралелно со санацијата на коловозот, ќе се постави нова хоризонтална и вертикална сигнализација. На автопатот меѓу Скопје и Куманово во моментов се гради и новата наплатна станица кај селото Романовце.