„Макпетрол“ денеска ја отвори новата бензинска станица во тетовската општина Желино. Во објектот се инвестирани околу 170 милиони денари, а со неа се обезбедени 10 нови работни места. Зданието е изградено во согласност со сите безбедносно-технички нормативи и ги исполнува современите стандарди. „Оваа модерна бензиска станица, 126-та по ред во синџирот на „Макпетрол“, на нашите потрошувачи ќе им овозможи користење на сите деривати и течен нафтен гас, како и дополнителни услуги кои ќе можат да ги добијат во современата продавница“ изјави Љупчо Георгиевски, директор на дирекцијата за малопродажба.
Како водечка компанија на македонскиот пазар на нафтени деривати, „Макпетрол“ во следниот период ќе продолжи со инвестицискиот циклус во модернизација и отворање на нови објекти. Компанијата наскоро ќе ја отвори 127-та по ред бензинска станица во Општина Вевчани. Пред околу два месеци, „Макпетрол“ отвори нов малопродажен објект во близина на скопскиот аеродром „Александар Велики“.