Претходна статија
Изложбен центар за електрична енергија отворен во Матка
Следна статија
„Ескаватори“ ќе ја доврши реконструкцијата на главната улица во Сарај

ААМ ќе побара ревизија на „Скопје 2014“

Објавено на 10.05.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) Мартин Пановски во изјава за Дојче веле на македонски јазик најави иницијатива за ревизија и ревалоризација на владиниот проект „Скопје 2014“. „Потрошени се средства. Да ги видиме тие средства колку се реално, не колку се потрошени, туку колку реално чини овој објект? Тоа никој досега го нема направено“ вели Мартин Пановски.

 

 

И покрај најавите од Асоцијацијата на архитекти на Македонија, привремената власт заедно со Градот Скопје во изминативе месеци непречено продолжуваат со реализација на „Скопје 2014“. Според податоците од базата на податоци „Скопје 2014“ под лупа, во изминатава деценија за владиниот проект биле потрошени над 670 милиони евра. Од првично промовираните 40 објекти за кои беа предвидени 80 милиони евра, проектот нарасна на 137 документирани објекти за кои се потрошени осум пати поголеми средства.

 

Проектот „Скопје 2014“ беше официјално промовиран во февруари 2010 година од страна на македонската влада, Градот Скопје и Општина Центар. Неговата реализација започна по доаѓањето на поранешниот премиер Никола Груевски на власт во 2006 година. За да се реализира преуредувањето на центарот на Скопје, во периодот помеѓу 2007 и 2012 година беа направени дури девет измени во Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“.