Претходна статија
Ќе се почека на довршување на киното „Манаки“ во Битола
Следна статија
4,8 милиони евра за реконструкција на неколку регионални патишта

Во Богданци ќе се одржи референдум за рудникот во Казандол

Објавено на 04.05.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Советот на општина Богданци вчера едногласно ја поддржа граѓанската иницијатива за одржување на референдум за изградба на рудникот за бакар во Казандол. Референдумското изјаснување ќе се одржи на 11 јуни и на истиот граѓаните ќе може да се изјаснат за две прашања – дали се за да се стопира или не изградбата на рудникот во Казандол, но и дали би дозволиле експлоатација на било каква руда во иднина во границите на оваа општина. Ваквата одлука на општинскиот совет од Богданци доаѓа по неприфаќањето на барањето за одржување на референдум во Валандово од страна на тамошните советници.

 

Одлуката на општинскиот совет во Богданци следуваше заедно со одржувањето на мирен собир во градот, на кој се побара одземање на концесијата за изградбата на рудникот во Казандол. Иако најголем дел од територијата на најавениот рудник ќе се наоѓа во валандовскиот регион, од Богданци укажуваат дека дел од границите на рудникот влегуваат и на нивна територија. Рудникот се гради веќе неколку месеци наназад и е резултат на англиско-украинска инвестиција во вредност од 35 милиони евра.

 

Барањето за референдумско изјаснување во Богданци следува по успешно реализираниот референдум во Гевгелија, на кој жителите од оваа општина се изјаснија против било какво издавање на концесии за изградба на рудници за металични минерални суровини.