Општина Куманово го реализира проектот за изведба на канализациона мрежа во должина од 26 километри. Во моментов се вршат градежни работи на улиците „Перо Чичо“, „Кирил и Методиј“ и „Љупчо Арсов“, додека при крај се планираните активности на улиците „Перо Шварц“ и „Среќко Пужаљка“. Проектот финансиран од европските ИПА фондови треба да продолжи со реализација и во наредните месеци, со што ќе се санираат 20% од канализационата мрежа во вториот по големина град во земјава. Градежните работи ги изведува фирмата „Жикол“ од Струмица.
Паралелно со изградбата и реконструкцијата на канализационата мрежа, општина Куманово одвои околу 45 милиони денари за санација на патната инфраструктура. Градежните активности ќе се одвиваат постепено по завршувањето на подземната инфраструктура, а прва за санација е улицата „Среќко Пужаљка“ во центарот на Куманово. Очекувањата се дека ќе бидат санирани неколку кумановски улици во должина од околу 10 километри.
Проектот за изградба и реконструкција на канализационата мрежа во Куманово започна со реализација кон крајот на јули минатата година.