Граѓанската иницијатива „Спас за Валандово“ денеска побара распишување на референдум од општина Валандово во врска со веќе започнатата изградба на рудникот за катоден бакар во Казандол, Валандовско. Граѓаните денеска ќе одржат јавен собир за споделување на мислења и ставови во градскиот парк во Валандово. Од иницијативата напоменуваат дека веќе е испратено барање за одржување седница на општинскиот совет, на која ќе се поддржи референдумското изјаснување. Од иницијативата посочуваат дека бараат општинската седница да биде јавна, со присуство на претставници од граѓаните.
* Премиерот Емил Димитриев на поставувањето камен – темелник за идниот рудник
„Според информациите од медиумите што ги добивме, закажана е седница на која јавноста и иницијативата „Спас за Валандово“ се исклучени од седницата, а инвеститорот ќе биде присутен. Исто така, нашето барање за референдум воопшто не е поставено на дневен ред на седницата закажана за четврток. Бараме поддршка од сите советници“ велат од иницијативата „Спас за Валандово“.
Нивното барање за одржување на референдум доаѓа само неколку дена по успешно реализираното референдумско изјаснување на граѓаните од Гевгелија. За разлика од Гевгелија, инвеститорот во Валандово ги помина сите процедури за добивање дозволи и веќе ја започна изградбата на рудникот. Компанијата „Сардич МЦ“ во текот на минатиот август го постави камен – темелникот за проектот вреден 35 милиони евра. Тогаш беше најавено дека англиско-украинската инвестиција ќе инвестира во современа технологија од финската фирма „Аутотек“.