Патувањето со меѓуградски автобус во земјава чини цело богатство. Во отсуство на евтин бензин и патарини за автомобилите и неразвиена железничка мрежа низ земјава, автобускиот превоз претставува неретко монопол во превозот на патници меѓу македонските градови.
Податоците покажуваат дека повратното патување помеѓу Скопје и Охрид со автобускиот превозник Галеб чини 750 денари, помеѓу главниот град и Битола чини 620 денари, истата сума треба да се издвои и за превоз до Берово со Берово транс, додека за Струмица треба да се одвојат 450 денари во еден правец без можност за купување на повратна карта.
Колку за споредба со државите со сличен стандард, повратното патување со воз помеѓу Будимпешта и Братислава чини 16 евра а исто толку чини карта во еден правец помеѓу Белград и Будимпешта. За неколкукратно подолгите релации помеѓу Софија и Бургас, Варна и Солун треба да се одвојат околу 15 евра. Автобускиот превоз на компанијата Orangeways од Будимпешта кон сите градови од Средна Европа чини помеѓу 15 и 25 евра за што се добива повратна карта.
Ваквите споредбени резултати ја прикажуваат лошата состојба во поглед на скапотијата на автобуските карти. Високата цена на бензинот, бројните и скапи патарини и недоволниот број на патници се дел од причините за огромните цени кај меѓуградскиот автобуски сообраќај, но се чини дека монополот на автобускиот превоз кон одредени градови е главната причина за високите цени на картите. На пример, повратната карта кон Кичево, град до кој постои и железничка линија, чини 380 денари за автобус, што е речиси двојно поевтино од патувањето помеѓу Скопје и Охрид, иако Кичево и Охрид се наоѓаат на оддалеченост од само 57 километри.
На високите цени реагираат и граѓаните што често патуваат помеѓу градовите, а државата е речиси немоќна да се справи со монополот на приватните превозници. Од друга страна, автотранспортните претпријатија се соочуваат со високите цени на бензинот, даночните обврски кон државата како и со нелегалните превозници што се множат низ целата држава.
Предлогот за надминување на ваквата состојба многумина ја гледаат во субвенционирањето на превозниците од страна на државата. Други пак посочуваат дека треба засекогаш да се реши прашањето со нелегалните превозници, а како најразумно решение на долг рок се предлага проширување на железничката мрежа низ земјава како гаранција за пониски цени и алтернативен транспорт на граѓаните од многу градови на Македонија.
Бојан Блажевски