Успешен граѓански референдум во Гевгелија. Жителите на најјужниот град во земјава се спротивставија на доделувањето концесија за експлоатација и отворање на рудници за металични минерални суровини во границите на нивната општина. На вчерашниот референдум излегоа 13.384 избирачи, односно 68,78% од запишаните избирачи во избирачкиот список. Против изградбата на нови рудници се изјасниле 13.097 гласачи или 97,86% од граѓаните, 154 граѓани се изјасниле за нивната изградба, додека 133 гласачки ливчиња се прогласени за неважечки.
Одржувањето на успешниот референдум го поздравија локалните власти, политичките партии и граѓанските организации. Гевгелискиот градоначалник Иван Франгов денеска изјави дека одлуката на граѓаните е обврзувачка за локалните власти. Општина Гевгелија нема да издаде позитивно мислење на евентуалното идно барање за концесија за експлоатација на минерални суровини, со што автоматски се блокира постапката за изградба на рудник. Законот за референдуми во земјава диктира дека резултатите од референдумот се задолжителни за донесување на одредена одлука, освен во случаите кога станува збор за консултативен референдум.
„Мнозинството граѓани на општина Гевгелија се изјаснија против отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општината. На тој начин ја потврдија успешноста на референдумот и оправданоста на одлуката за негово организирање“ рече Франгов.