Претходна статија
Се редат неуспешни тендери за училишен затворен базен во Карпош
Следна статија
Ќе се удавиме во неселектирано и нерециклирано ѓубре!

Гевгелија се мобилизира пред референдумот против изградба на рудник за злато

Објавено на 20.04.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Локалните власти, политичките партии и еколошките организации се мобилизираат пред претстојното одржување на референдум за изјаснување на граѓаните на Гевгелија околу евентуалната концесија за изградба на рудник за злато на планината Кожув. Референдумското изјаснување ќе се одржи на 23 април, кога граѓаните на избирачките места ќе можат да се изјаснат на следново прашање: „Дали сте за или против отворање на рудници за металични минерални суровини на територијата на општина Гевгелија?“. Гласањето ќе се одржи на 37 избирачки места, во периодот од 7 до 19 часот.

 

 

По подолг период, власта и опозицијата во гевгелискиот општински совет едногласно го поддржаа прашањето за одржување на референдум по ова прашање. Гевгелискиот градоначалник Иван Франгов веќе се изјасни по ова прашање пред општинските советници. „За 30 години концесија за некој рудник да плаќа надоместоци, за потоа илјада години Гевгелија да биде иселена и завиена во црно, не ни треба“ посочи градоначалникот Франгов. Локалните власти најавуваат дека дури и ако некој да побара концесија за експлоатација, општината во старт ќе издаде негативно мислење.

 

Граѓанската иницијатива „Спас за Гевгелија“ веќе подолг временски период работи на кампања за анимирање на граѓаните во насока на што поголема излезеност на неделниот референдум. Дел од политичките партии ја најавија нивната поддршка за референдумот. Од партијата „Левица“ денеска се изјаснија дека евентуален рудник за злато би бил „Проект на смртта“. „Ова е постапка на хемиска обработка на почвата за исцедување на некој промил, при тоа користејќи цијанид и уништувајќи дрвја“ изјави Здравко Савевски од „Левица“.

 

Лилјана Поповска од ДОМ, заедно со Пеце Мирчевски од СДСМ и Зоран Шапуриќ од ЛДП, вчера учествуваа на трибина посветена на штетноста од отворањето на рудници за злато на планината Кожув. „Зошто Македонија да ги прими оние фирми кои беа избркани од Романија, Бугарија и Грција при обидот да отворат рудници за злато? Тие земји ја знаат опасноста од цијанидните раствори кои се употребуваат при лужењето, откако во 2000 година се случи еколошката катастрофа во Баја Маре, Романија“ истакна Лилјана Поповска од ДОМ.

 

Граѓаните од Гевгелија се особено загрижени поради фактот што идниот рудник за злато би се наоѓал на само 200 метри од постојните извори за питка вода. Покрај граѓаните од овој град, слична иницијатива веќе најавуваат дека ќе побараат и жителите на Валандово и Дојран. Во нивна близина би требало да се изгради рудникот за злато во Казандол.