Претходна статија
Ново одложување на реновирањето на Универзална сала
Следна статија
Се расчистува трасата на Првомајска

Презентирана физибилити студија за дислокација на Клиничкиот центар

Објавено на 26.10.2010 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за здравство, Бујар Османи, денес ја претстави физибилити студијата за дислокација на Универзитетскиот клинички центар – Скопје. На студијата била ангажирана консултантска куќа од Франција, а изработката била под покровителство на Европската инвестициска банка. Локацијата за новиот комплекс се наоѓа на територија на општината Карпош, во близина на Психијатриската болница Бардовци, на јужната страна од пругата кон Тетово. Се простира на 93 хектари и е предвидена со Генералниот урбанистички план од 2002 година. Најголем дел од земјиштето е во државна сопственост. Со оглед на близината на северната обиколница и планираниот внатрешен булеварски полупрстен, новата локација треба да овозможи добро патно поврзување и брз пристап. Исто така се планира и железничка станица.


Постоечкиот Клинички центар е фргментиран во голем број објекти и мобилноста на пациентите претставува сериозен проблем. Исто така постои нерационално користење на ресурсите, има дуплирање на капацитети и опрема, преголем број болнички кревети и слично. Новиот центар ќе биде сместен во еден објект и ќе биде димензиониран и организиран според современите барања за овој тип институции. Вкупната површина ќе изнесува најмалку 195.000 метри квадратни. Половина од болничките соби ќе бидат еднокреветни, а другата половина двокреветни. Се планира и интеграција на наставата и истражувачката работа.


Според замисленото, реализацијата на проектот би траела до 2017-2018 година. Инвестицијата за изградба на комплексот се проценува дека ќе достигне и до половина милијарда евра, а само за опрема се предвидува дека ќе биде потребно околу 100 милиони евра. Засега е нејасно од каде се планира да се обезбедат толкави средства, но се најавува дека дел од финансиите би дошле од продажба на земјиште во постоечкиот Клинички центар под Водно.