Електрани на Македонија планира да изработи дополнителен рударски проект за санација и рекултивација на рудникот Осломеј, со што би се утврдила можноста за обезбедување на нови количества јаглен за РЕК „Осломеј“. За таа цел веќе е распишан оглас за пронаоѓање субјект што би го изработил рударскиот проект, за што би се издвоиле околу 1,4 милиони денари. Со документацијата би се посочиле предлози за дополнително искористување на количествата на јаглен од околината на Осломеј, со што би се продолжил работниот век на тамошната термоелектрана. Очекувањата се дека до крајот на април би се избрала фирмата што ќе го изработи рударскиот проект.
РЕК „Осломеј“ во моментов се соочува со проблем поврзан со експлоатацијата на јаглен, поаѓајќи од фактот дека залихите на јаглен во рудникот се при крај. Експертите од енергетиката во изминативе години постојано предупредуваа на опасноста од затворање на термоелектрана „Осломеј“. Во досегашните дебати се посочи на две најповолни варијанти за продолжување на работниот век на овој енергетски капацитет. Според првиот предлог, ЕЛЕМ би требала да се насочи кон увоз на висококалоричен јаглен од странство што би се транспортирал до термоелектраната. Во согласност со втората варијанта, до РЕК „Осломеј“ би се довезол природен гас и би се инвестирало во осовременување на постојната опрема.