Продолжува трендот на раст на градежниот сектор во земјава. Политичката криза лани не влијаела негативно на придвижувањата во градежништвото, барем во делот на почетокот од изградбата на новите објекти. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека надлежните државни и локални власти во 2016 година издале вкупно 3.377 одобренија за градење, што претставува најголема бројка од 2008 година па наваму. Предвидената вредност на објектите што почнале да се градат во минатата година изнесувала 51.725.596 илјади денари и истата е зголемена за над 5 милијарди денари во однос на 2015 година. Статистичките податоци покажуваат дека предвидените објекти лани ја достигнале третата по големина вредност во изминативе девет години.
Погледнато по региони, една третина од објектите што почнале да се градат се лоцирани во Скопскиот регион. Најголемо придвижување во изминатите 12 месеци имало во делот на реконструкцијата на постојните објекти, за која се издадени вкупно 888 одобренија за градење. По рекордната 2015 година, лани била намалена бројката на издадени градежни дозволи во секторот нискоградба. Министерството за транспорт и врски и македонските општини потпишале 413 објекти од секторот нискоградба. Наспроти ваквиот негативен тренд, по тригодишното намалување повторно е зголемена градежната активност за изградба на нови згради. Во секторот високоградба, лани биле издадени вкупно 2.076 одобренија за градење на нови објекти.