Во скопската населба Карпош 3, веднаш до спортската сала „Борис Трајковски“ се издига еден нов објект во затскриениот простор во сопственост на бизнисменот Владимир Тодоровиќ. При доделувањето на Големата награда за архитектура за 2016 година на ААМ, овој објект беше именуван како „Домување со посебен режим“. Истражувачкиот текст на prizma.mk го поставува прашањето дали сопственикот на „Тинекс“ изградил семејна куќа на место каде што не е предвидено со Деталниот урбанистички план. Според пишувањето на prizma.mk, Агенцијата за катастар на недвижности го води објектот на споменатата парцела со намена за А4, односно мотел.
* Нереализираната израелска инвестиција од 2011 година до објектот на Владимир Тодоровиќ
Во актуелниот ДУП на локацијата на која се наоѓа објектот на Тодоровиќ e исцртана парцела со ознака Д3, што значи дека на земјиштето може да се изградат помали објекти за рекреација, вклучувајќи сали, базени, паркови, зоолошки градини и слично. Урбанистичкиот план изготвен од општина Карпош дозволува 40% од парцелата да се намени за изградба на комерцијални објекти, како дуќан, ресторан, кафуле или административни канцеларии или, пак, зграда каде би се одржувале културни настани.
Архитектонското студио „РАДО Инженеринг“ ја доби Големата годишна награда на ААМ за најуспешно реализирано архитектонско дело за 2016 година за проектот „Индивидуален станбен објект со посебен режим на домување“. Токму зад изработената проектна задача стои изградениот објект на познатиот македонски бизнисмен. Засега нема реакција од инвеститорот и од скопската општина Карпош за пишувањата на prizma.mk во однос на она што е изградено до спортскиот центар „Борис Трајковски“.
Атрактивниот празен простор крај реката Вардар низ годините наназад во континуитет ги менуваше своите намени, инвеститори и идеи за развој на слободната површина. Запустената површина се ветуваше дека ќе прерасне во нов парк за жителите на Карпош, но до денешен ден не е реализирано ништо од ветувањето. Веќе во 2011 година се појави идејно решение за изградба на елитен комплекс, кој би вклучил хотели, апартмани, трговски центар и висококатници на целиот потег од хотелот „Александар Палас“ до скејт-паркот.
* Локацијата на некогашниот комплекс планиран до хотелот „Александар Палас“
Тогашниот архитектонски труд на израелски „Пелег архитектс“ остана нереализиран, првенствено поради тоа што се косеше со Генералниот урбанистички план за Град Скопје, кој на оваа локација предвидува содржини за спорт и рекреација. Големиот комплекс беше предвидено да се гради на земјиште што се наоѓа веднаш до парцелата на која е изграден објектот на бизнисменот Владимир Тодоровиќ.