На Архитектонскиот факултет при УКИМ утре, со почеток од 12 часот, ќе се отвори изложбата „Една куќа – еден свет“. Од факултетот информираат дека поставката се реализира во рамките на редовната настава по предметот Архитектонска композиција. На изложбата ќе бидат претставени графички трудови на деца на возраст меѓу 5 и 8 години. Селектираната тема ја означува суштинската важност на заедништвото во градењето на светот и нашата лична партиципација во него. На изложбата ќе бидат претставени трудовите на Јован Мицковски, Бодан Николов, Скендер Зеќири, Ѕвезда Велевска, Ниса Адеми и Анастасија Николова.
„Целта е препознавање на Архетипските слики, ментални претстави за архитектонскиот простор, како и за нашето просторно присуство воопшто. Архетипските слики се суштествениот, генеративен елемент за појавата на архитектонскиот простор и се однесуваат на немерливиот аспект на мерливото, на појавното. Архетипските слики се длабокото ниво на кое субјектот се изедначува со просторот околу себе и оттаму имаат етичка рефлексија“ се наведува во поканата за присуство на изложбата.