Претходна статија
Се изготвува проект за реконструкција на автопатот Катланово - Петровец
Следна статија
Почна изградбата на мини обиколница на Штип и нов мост на Брегалница

Хокеј игралиштето во СЦ „Борис Трајковски“ функционира без одобрение за градење

Објавено на 23.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Без издадено одобрение за градење работи хокеј игралиштето при спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Државниот завод за ревизија во својот конечен извештај за работењето на ова друштво за 2015 година констатира дека хокеј игралиштето е заведено како објект, но нема добиено градежна дозвола од општина Карпош. Истиот веќе неколку години функционира, но остварените приходи од вршењето на дејноста се евидентираат како „поставување на урбана опрема“. Поради тоа, за овој објект не е издаден имотен лист и не може да биде впишан во Агенцијата за катастар на недвижности.

 

 

„Објектот кој е градба од петта категорија, е започнат да се гради и завршен, без да се обезбеди одобрение за градење од надлежен орган (од општина Карпош, согласно член 58 од законот), со што не е постапено по член 56 од Законот за градење, а со тоа овој објект има статус на бесправно изграден објект, согласно член 57 став од истиот“ се наведува во ревизорскиот извештај. Самиот објект бил изграден врз основа на владина одлука за користење на земјиште, но за да се изведе монтажно демонтажно игралиште за хокеј на мраз. Ревизорите заклучиле дека оваа спортска содржина во рамките на СЦ „Борис Трајковски“ функционира врз основа на одобрение од скопскиот градоначалник за поставување на урбана опрема.

 

Ревизорите констатираат дека и Аква паркот се соочил со проблеми во текот на неговата изведба. Во извештајот се нагласува дека објектот е впишан во Агенцијата за катастар на недвижности во мај 2013 година, но неговата површина не одговара на фактичката состојба на терен. Спортскиот центар „Борис Трајковски“ поднел барање до општина Карпош за измени на проектот во јули 2016 година, од каде што до денешен ден не е издадено одобрение. Ревизорскиот извештај констатира дека ваквото барање не е поднесено во предвидениот законски рок, но и дека аква паркот е пуштен во употреба пред добивањето на завршниот извештај од надзорниот инжинер.

 

„Согласно напред наведеното, претходно запишаниот објект во имотен лист, не одговара на фактичката состојба на лице место и за истото се бара измена после 3 години од завршувањето на изградбата на објектот“ се наведува во извештајот на ревизорите. Државниот завод за ревизија изразил негативно мислење за активностите, финансиските трансакции и информации рефлектирани во финансиските извештаи во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk