Во Штип денеска стартуваше изградбата на мини обиколница и нов мост на реката Брегалница. Инфраструктурниот проект треба да ги поврзе периферните населби на градот со индустриската зона, а инвестицијата е во висина од 36,5 милиони денари. Со изведбата на сообраќајницата ќе се формира нова обиколница што ќе минува од населбата „Сењак“ до индустриската зона. Мостот ќе биде со должина од 56 метри и со ширина од седум метри, а предвидено е да се изведат и пристапни улици во должина од 200 метри од двете страни на мостот.
Локалните власти информираат дека обиколницата и новиот мост ќе се изградат во рок од шест месеци. Со реализација на зафатот ќе се растовари сообраќајниот метеж на булеварот „Гоце Делчев“, но и ќе се поврзат штипските населби „Сењак“ и „Пребег“.