Компанијата „Тинекс“ до крајот на 2017 година ќе ја заврши изградбата на современиот трговски центар во Прилеп. Објектот вреден 2,7 милиони евра се гради на локација на некогашниот стар млечен пазар. „Станува збор за објект со бруто површина од 4.300 метри квадратни. Има три целини, подземна гаража со паркинг простор за 60 возила, потоа прв спрат кој ќе биде наменет за „Супер Тинекс“ и кој ќе се простира на површина од 1.200 метри квадратни, а третиот спрат, кој ќе биде исто со големина од 1.200 метри квадратни, ќе биде деловен простор кој ќе се изнајмува за угостителски објекти, бутици и слично“ вели Раде Петкоски, инженер во „Тинекс“ за координација на објектите во градба.
* Извор на фотографија: Општина Прилеп
Од општина Прилеп најавуваат дека трговскиот центар ќе донесе 100-тина нови работни места. „После завршувањето на градежните активности на трговскиот центар ќе започнеме со допоплочување и уредување на пешачката улица „Борка Талески“. Таа е намерно оставена во оваа состојба затоа што тука ќе поминуваат камиони и механизација за изградбата на трговскиот центар, а потоа оваа улица ќе прерасне во една навистина прекрасна пешачка зона“ изјави прилепскиот градоначалник Марјан Ристески. Локалните власти планираат улицата зад трговскиот центар во иднина да ја претворат во пешачка зона.
Објектот „Сити Центар“ започна да се гради во септември 2015 година. Компанијата „Тинекс“ го купи градежното земјиште по пат на јавно наддавање за околу 29 милиони денари.