Претходна статија
Тензично на почетокот на изградбата на улица на Кеј „13 Ноември“
Следна статија
Скопје и Тетово ќе добијат „зелени“ билборди за прочистување на воздухот

Општина Центар ја сопре изградбата на улица на кејот кај ГТЦ

Објавено на 19.03.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Овластен градежен инспектор на општина Центар, по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, денеска излезе на терен за да ја констатира фактичката состојба со почетокот на градењето на надземната улица на Кејот „13 Ноември“. Инспекторот издал решение за сопирање на сите градежни активности на кејот. „На градилиштето, како што пропишува законот, нема информативна табла кој е инвеститор, изведувач и надзор, нема податоци за одобрена техничка документација и одобрение за подготвителни работи. Целата оваа документација е неопходно да се поседува и да биде јавно истакната на градилиштето“ информираат од општина Центар.

 

 

Локалната власт укажува дека на инвеститорот за надземната улица му недостасува елаборат за околчување на теренот од овластена геодетска фирма, лиценци за инженер за изведба, надзорен инженер и елаборат за заштита при работа. Сите овие неправилности придонеле за инспекцијата на општина Центар да ја издаде наредбата за стопирање на градежните работи на Кејот „13 Ноември“. Од општина Центар потсетуваат дека изведбата е започната врз основа на решение на скопскиот градоначалник Коце Трајановски издадено на 31.12.2016 година.

 

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски денеска изјави дека во постоечкиот ДУП за Мал Ринг не е предвидена надземна улица, туку подземна сервисна улица. Тој го повика државниот инспекторат веднаш да ја провери законитоста на издаденото одобрение за градење од страна на Град Скопје. Жерновски најавува дека инспекциските служби на општина Центар ќе направат увид во документацијата, по што ќе го информираат државниот инспекторат и ќе побараат тој да се произнесе за незаконската градба. „Лага е дека тоа ќе биде повторно шеталиште или дека улицата ќе биде само за достава. Ако е така, рестораните и сега го користат кејот за достава и затоа нема потреба ништо да се гради“ посочува Андреј Жерновски.

 

Од Град Скопје денеска реагираа дека градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски можел да го промени постојниот урбанистички план во изминативе четири години, доколку сакал тоа да го направи. Тие го демантираат градоначалникот Жерновски, посочувајќи дека ДУП-от предвидува изградба на надземна улица што Градот Скопје ја нема вцртано и не е тој што ќе ја гради. Тие го прашуваат градоначалникот Жерновски дали е подготвен пред судските органи да го докаже тврдењето дека сообраќајницата е впишана како подземна во актуелниот ДУП за Мал Ринг.

 

И додека траат препукувањата, Градот Скопје го спроведува тендерот за избор на градежна фирма што ќе го реконструира партерното уредување на Кејот „13 Ноември“ на потегот од „Холидеј ин“ до зградата на „Телеком“. Случајно или не, овој тендер се погоди во исто време со почетокот на изградбата на надземната улица од страна на приватниот инвеститор. Градската администрација, која досега не објавила проект за тоа како ќе изгледа скопскиот кеј во иднина, ги очекува понудите од градежните компании најдоцна до 23 март, по што ќе следува почетокот на градежните работи и затворање на останатиот дел од шеталиштето за граѓаните.