Во наредните три месеци ќе се реализира проектот за уредување на коритото на реката Речица во населеното место Голема Речица. Во градежниот зафат ќе бидат вложени 10,3 милиони денари, а изведувач на работите е тетовската фирма „Бибај Компани“. Договорот беше потпишан меѓу општина Тетово и Министерството за животна средина и просторно планирање во март 2016 година.
Уредувањето на коритото на реката Речица следува по неодамнешните поплави што го зафатија тетовскиот регион. Временските непогоди создадоа бројни свлечишта и направија големи штети во домаќинствата во регионот во текот на август 2015 година. Нормализирањето на состојбата со коритото на реката Речица е само прва фаза од акцискиот план со кој тетовскиот регион треба да се заштити од вакви непогоди во иднина.