Претходна статија
Скопјани од денес можат да поднесат барање за субвенција за купена печка на пелети
Следна статија
Архитектот Јан Гел в среда ќе одржи предавања во Скопје

Техничката влада ќе ја дели дистрибутивната гасоводна мрежа низ цела Македонија!

Објавено на 27.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Техничката влада на премиерот Емил Димитриев распишала три нови повици за избор на концесионери што ќе ја градат и ќе ја управуваат целокупната дистрибутивна мрежа во сите македонски општини. Огласите за воспоставување на јавно-приватно партнерство денес беа објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, наспроти предупредувањата на експертите дека техничката влада не може да спроведува вакви проекти во овој момент. Капиталниот пакет е поделен на три дела, и тоа во првиот пакет влегуваат општините од скопскиот регион, во вториот оние од источна Македонија, додека во третиот тендер влегуваат локалните самоуправи од западна Македонија.

 

 

* Извор на фотографија: Општина Струмица

 

Дистрибутивната гасоводна мрежа се смета за златна кокошка за идните концесионери. Станува збор за мрежа која би се градела во рамките на градовите, така што приватна компанија ќе го пренесува дистрибутивниот гас до крајните потрошувачи – граѓаните и индустриските капацитети. Приватниот партнер би ја изградил инфраструктурната мрежа, а потоа би наплаќал за користењето на гасот од граѓаните и од компаниите. Владините проценки уште од 2013 година говорат дека дистрибутивната гасоводна мрежа во земјава ќе се протега на 900 километри. Финансискиот колач изразен во инвестиции од концесионерот е проценет на над 244 милиони евра, додека сумата која истиот би ја заработил никогаш не беше објавена од страна на владата.

 

Изградбата на дистрибутивната гасоводна мрежа требаше да почне уште во 2015 година, но владините ветувања не се остварија во реалноста. Цевките за проток на гас требаше да се завршат најдоцна до 2019 година, а граѓаните на Скопје веќе во текот на 2016 година требаше да го користат природниот гас. Од извршната власт пред повеќе од една година излезе информацијата дека на повиците за пронаоѓање инвеститор за гасификација на општините од внатрешноста пристигнала само една понуда, со што не биле исполнети условите за избор на најповолен приватен партнер.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk