Претходна статија
Охрид ќе добие затворен пазар во центарот
Следна статија
Ем сме трошеле помалку, ем сме произведувале помалку енергија во 2016 година

ТЕМА: Загадувањето на воздухот резултат на катастрофалните политики во транспортот

Објавено на 23.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Рапиден пораст на бројот на автомобили, стагнација во користењето на јавниот превоз и целосно занемарување на железницата. Овие три тенденции доведоа до зголемување на загадувањето на воздухот во македонските градови, а тоа го докажуваат статистичките податоци за развојот на транспортот, кои патем се во спротивност со политиките на Европската унија. Податоците на Државниот завод за статистика се немилосрдни. Бројот на регистрирани возила во 2007 година изнесувал 287.222, додека во текот на 2015 година тој се искачил на фантастични 451.724 возила. Само во Скопје, на улиците во изминативе осум годинии сообраќаат над 60.000 нови возила, покажуваат информациите од Државниот завод за статистика.

 

 

Тенденцијата за раст на моторизираноста на граѓаните е забележлива константа за секоја година во периодот од 2007 до 2015 година. Ако во 2007 година имало 121 патнички автомобил на 1.000 жители, веќе во 2015 година бројката се поместила нагоре кон 185,4 патнички автомобили на 1.000 жители. Купувањето на нов автомобил е најмногу забележлива кај жителите од скопскиот регион, кои доминираат на оваа листа во текот на целата деценија. Покрај во делот на автомобилите, статистичарите бележат експлозивен раст и кај бројката на моторцикли, товарни возила, автобуси и на други превозни средства кои учествуваат во патниот превоз.

 

Наспроти овие негативни бројки кои влијаат врз зголемувањето на загадувањето на воздухот, статистиката покажува дека железничкиот сообраќај е целосно занемарен од осамостојувањето на земјава до денешен ден. Патничките возови во текот на 1990 година минале 355 милиони патнички километри годишно, додека во 2015 година оваа бројка е намалена дури за половина – регистрирани се 178 милиони патнички километри. Уште покатастрофална е состојбата со товарниот железнички сообраќај. Ако товарните возови во 1990 година изминале 769 милиони тонски километри, веќе во 2015 година нивната фреквенција е намалена за два и пол пати, на вкупно 278 милиони тонски километри.

 

Катастрофалните тенденции во развојот на транспортната политика на државата може да се согледаат и во другите сегменти од превозот. Изминатите километри на патничките автомобили и такси возилата во овие две и пол децении се зголемени за двојно, што е резултат на поголемиот број на купени возила од граѓаните. Во исто време, користењето на јавниот превоз е намален во споредба со 1990 година, и тоа не важи единствено за железницата. Градскиот и приградскиот превоз во 2015 година регистрирал поминати 1.248 милиони патнички километри, што е за 200 милиони помалку во споредба со 1990 година. Речиси идентични бројки се регистрирани и кај меѓуградскиот и меѓународниот патен превоз.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, неповолниот развој на транспортот од аспект на животната средина може да се забележи и кај товарниот патен превоз. Намалувањето на бројката на товарни возови е на сметка на драстичниот пораст на камионскиот транспорт. Во 1990 година се забележани 2.189 милиони тонски километри во патниот товарен сообраќај, додека пред две години имало камиони кои сообраќаат тројно повеќе – дури 6.759 милиони тонски километри годишно.

 

Сите овие негативни придвижувања во развојот на македонскиот транспорт беа неодамна потврдени и со Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопскиот плански регион, изработен од страна на Град Скопје. Веднаш по загревањето на домаќинствата, како втор најзначаен загадувач со ПМ-10 честички на воздухот беше споменат сообраќајот со висок удел од дури 20% во загадувањето на воздухот. За разлика од можностите за субвенционирање на еколошки грејни тела за затоплување на граѓаните, државата и локалните самоуправи во изминативе месеци не предложија ниту една мерка за ублажување на забревтаниот раст на бројката на патнички автомобили и на камиони низ градовите.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk