Градот Скопје денеска објави оглас за пронаоѓање на компанија што ќе ја изведе втората и третата фаза од реконструкцијата на улица „Сарај“ во општина Сарај. Градежниот зафат ќе ги опфати коловозот и пешачките патеки во должина од 1.200 метри, на потегот од црквата „Св. Злата Мегленска“ до раскрсницата со магистралниот пат кон Матка и клучката кон Тетово. Со претстојниот зафат во целост ќе се санира главната сообраќајница, и тоа од влезот до излезот во населеното место Сарај. Во изминатиов период се работеше на потегот од новиот мост до почетокот од оваа населба.
За довршување на реконструкцијата на улицата „Сарај“ се обезбедени финансиски средства од околу 12 милиони денари. Градежните работи ќе започнат по изборот на најповолен изведувач. Според информациите од веб-страницата на Бирото за јавни набавки, заинтересираните фирми треба да ги достават своите понуди најдоцна до 14 март. Реализацијата на првата фаза од реконструкцијата на оваа скопска сообраќајница започна во пролетта 2016 година.