Автобускиот превоз во земјава бележи негативни резултати од своето работење за четвртото тримесечје од 2016 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на превезени лица во патниот патнички превоз е намален за 8,2% во споредба со периодот октомври-декември 2015 година. Автобуските компании во четвртиот квартал од минатата година превезле вкупно 22.365 илјади патници. Според видот на превоз, бројот на превезени патници во градскиот транспорт е намален за 12,5%, во приградскиот превоз за 0,5%, во меѓуградскиот превоз за 5,1%, додека во меѓународниот превоз намалувањето изнесува 6,3%.
Статистичарите направиле пресметки и за придвижувањата во однос на третото тримесечје од 2016 година. Бројот на превезени патници во периодот октомври-декември 2016 година се зголемил 25,2% во споредба со претходните три месеци. Предводник на растот во рамките на различни квартали од годината е градскиот превоз, каде зголемувањето изнесувало 30%. Приградскиот превоз го користеле за 25,4% повеќе патници во однос на третиот квартал, додека растот во меѓуградскиот автобуски транспорт е заокружен на 2,2%. Врз основа на споредбата меѓу четвртиот и третиот квартал, единствен континуитет во намалувањето на бројот на патници е забележан кај меѓународниот превоз, и тоа од високи 27,2%.