Претходна статија
ТЕМА: Голема експанзија во изградбата на нови станови во текот на 2016 година
Следна статија
СДСМ прашува до каде е топлификацијата во Битола

Ајде, Јово, наново со хидроелектраната „Чебрен“

Објавено на 14.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По 12 неуспешни тендери за пронаоѓање на приватен партнер за изградба на хидроелектраната „Чебрен“, Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) пристапија кон изработка на префизибилити студија за овој енергетски капацитет кој се ветува како инвестиција цела деценија наназад. Фирмата „ГЕИНГ Кребс унд Кифер Интернешнл“ е избрана за изготвувач на советодавниот документ, за кој се издвоиле финансиски средства од 10,3 милиони денари. Според податоците од Бирото за јавни набавки, времетраењето на потпишаниот договор за изработка на студијата е 12 месеци. Државната компанија го склучила овој договор на 2 февруари годинава.

 

 

Од ЕЛЕМ веќе посочија дека со документот ќе се разгледаат можните варијанти за оптимално хидроенергетско искористување на водниот потенцијал на Црна Река и ќе се избере најповолната варијанта за реализација на двата значајни зафата. Од државната компанија, за време на објавувањето на тендерот во октомври 2016 година, посочија дека изработката на префизибилити студија е втората фаза од остварувањето на проектот за изградба на хидроелектраната „Чебрен“. Првата фаза завршила во јули 2016 година, кога 11 заинтересирани компании доставиле свои техно-економски концепти и решенија.

 

Консултантот ќе треба да понуди најдобро техничко решение и концепт за енергетскиот капацитет, по што ќе следи нов, рекорден 13-ти тендер за проектирање, изградба и концесионирање на хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“. Ниту од ЕЛЕМ, ниту пак од државата има објаснување за тоа што ќе се случи ако не се пријави нов приватен концесионер на идниот повик. Во изминативе 10 години, поголеми енергетски компании од странство барем во неколку наврати пројавија интерес за инвестирање во хидроелектраната „Чебрен“, кој подоцна се покажа како неуспех во реализацијата на проектот.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk