Претходна статија
ИНТЕРВЈУ: „Скопје 2014“ е градење на перцепција за силна држава
Следна статија
Ќе се реализираат првите „Идеи за Центар“ предложени од граѓаните

Пречистителната станица за отпадни води во Тетово ќе почне да се гради догодина

Објавено на 10.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Тетово ќе добие пречистителна станица за отпадни води и надграден колекторски систем со кој ќе се опфатат 95.000 жители од градот и од околните тетовски села. Министерството за животна средина и просторно планирање во тетовската локална самоуправа денеска ја презентираше Студијата за оценка на влијанието врз животната средина за овој капитален инфраструктурен проект. Реконструкцијата и доградбата на колекторскиот систем ќе опфати траса во должина од 80 километри. Од неа, речиси 30 километри е предвидено да биде нова канализациона мрежа. Пречистителната станица за отпадни води ќе се гради во близина на селото Фалише.

 

 

Изведбата на капиталниот проект ќе чини околу 28 милиони евра, од кои Европската унија преку претпристапните ИПА фондови ќе обезбеди 22 милиони евра. Тендерската постапка за избор на изведувачите на проектот ќе се распише во текот на годинава, додека на почетокот од 2018 година е предвидено да започне изградбата на пречистителната станица и на канализационата мрежа.

 

Тетовската подземна инфраструктура во моментов опфаќа поголем дел од градските средини и минорен дел во околните села. Со постојната канализациона мрежа се покриени 95% од населбите во Тетово, но истата се соочува со значајни недостатоци. Системот за зафаќање на атмосферските води е послабо развиен и опфаќа околу 50% од градските населби. Канализационите и отпадните води во Тетово се испуштаат во реките Вардар и Пена.