Претходна статија
Втор тендер за изградба на отворен пливачки базен во Шуто Оризари
Следна статија
Кампањата „ЕУ за тебе“ во Прилеп: Финишира изградбата на пречистителната станица

Втора шанса за изградба на ново основно училиште во скопско Лисиче

Објавено на 07.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По осум години од распишувањето на првиот неуспешен тендер и децении минати во ветувања за нова зграда, Министерството за образование и наука денеска објави оглас за изградба на нов објект за основното училиште „Димитар Македонски“ во скопската населба Лисиче. Проценетата вредност на овој проект изнесува 1,2 милиони евра. Наместо со средства обезбедени од локалниот буџет, училишната зграда ќе се финансира од страна на државата. Градежните компании треба да ги достават своите понуди за учество во постапката најдоцна до 28 февруари.

 

 

Новото основно училиште во населбата Лисиче ќе се гради на местото на постојното монтажно училиште, кое е изградено по скопскиот земјотрес. Објектот треба да згрижи 1.100 деца во две школски смени. Зданијата од приземје и кат ќе се состојат од четири блока со вкупна површина од 2.973 метри квадратни. Ветувањата за изградба на нова цврста градба за училиштето „Димитар Македонски“ се стари веќе неколку децении наназад, а самото министерство веќе имало распишано неуспешен тендер за реализација на проектот во јуни 2009 година.