Лозанското метро е транспортен систем што се состои од две метро линии со вкупна должина од 13,7 километри. Како еден од кантоналните центри на Швајцарија, Лозана е најмалиот град на светот кој има метро како јавен превоз. Самиот град брои околу 135.000 жители, додека населението од неговата градска агломерација е заокружено на околу 420.000. И покрај малубројното население, лозанското метро е едно од најуспешните примери за развој на овој вид транспорт, со вкупен број на патници што го надминува планираниот капацитет на метро линиите. Првата метро линија е всушност лесна железница (ЛРТ), додека втората метро линија е изградена на местото на некогашната жична железница.
Иницирањето на двете метро линии во Лозана го следат еволутивниот развој на јавниот превоз во градот, ширејќи се на трасите на некогашните форми на транспорт изградени во XIX век. Втората метро линија е изградена како замена за трасата на поранешната жичара, која уште во 1877 година го поврзувала центарот на градот со езерското крајбрежје. Лесната железница е изведена како трампа за некогашната трамвајска траса, овозможувајќи зголемен проток на патници и одвојување на системот од патната инфраструктура во Лозана.
Првата метро линија е пуштена во сообраќај на 24 мај 1991 година. Како замена за трамвајот што бил укинат во 1964 година, линијата има должина од 7,8 километри со 12 надземни и три подземни метро станици. Трасата се движи од центарот на Лозана кон западните делови на градот, со просечно време на патување меѓу двете крајни станици од 19 минути. Најголем дел од првата метро линија е едноколосечна, со можност за разминување на возовите на самите станици. Линијата се опслужува од 18 ЛРТ возила, кои во текот на годината превезуваат над 12 милиони патници. Огромниот интерес за користење на јавниот превоз ги примора локалните власти да инвестираат во модернизација на постојните возила, како и во купување на пет дополнителни возови со зголемен капацитет за превоз на патници.
Главната метро линија во Лозана е изградена на трасата на некогашната жична железница, која е развиена уште од XIX век и ја следи оската север-југ во градот. Линијата М2 е пуштена во употреба на 27 октомври 2008 година, и тоа по четири години од почетокот на градежните работи. Швајцарските власти во овој проект инвестираа 740 милиони швајцарски франци. Предвидениот капацитет на втората метро линија во Лозана изнесуваше 25 милиони патници годишно, иако интересот за користење на ова превозно средство веќе во 2014 година ја надмина бројката од 28 милиони патници. Трасата е во должина од 5,9 километри, минува во најголем дел под земја и има 14 метро станици.
Втората метро линија е специфична по многу нешта. Висинската разлика што се совладува долж целата траса е дури 338 метри, со просечен нагиб од 6%. Метро возовите во секој турнус мора да се справат и со најстрмниот нагиб од 12%. Лозанското метро е целосно автоматизирано, без возач во метро возовите, што го прави единствен град во светот каде е воведена ваква технологија на толку сложена конфигурација на теренот. Системот „Урбалис“ е целосно воведен од производителот „Алстом“, кој за лозанското метро ги обезбеди метро возилата, инфраструктурата и целокупната сигнализација за трасата. За да се осигура максимална безбедност, на метро возовите се вградени гумени тркала кои се движат на метална лента. Оваа технологија лансирана уште пред неколку децении е популарно наречена „возови на тркала“.
Максималната брзина на движење на возовите од втората метро линија е 60 километри на час. Просечната брзина на возовите е 18 километри на час, што се должи на специфичната конфигурација на теренот. Целата траса е покриена со двоцевни тунели, со исклучок на стариот едноцевен тунел под главната железничка станица. Дводелните гарнитури имаат капацитет да примат 220 патници, а капацитетот на целата траса е превезување на 6.600 патници на час во секој правец. Целокупната траса со метро се минува за 18 минути. Транспортниот хаб на лозанското метро е станицата „Флон“, во која се спојуваат двете метро линии со приградската железница што го поврзува центарот на Лозана со околните населени места.
Идентично и како за линијата М1, големиот интерес за користење на јавниот превоз во Лозана го исполни максималниот капацитет на втората метро линија по само 3-4 години од нејзиното отворање. Локалните власти во моментов очекуваат три нови автоматизирани метро возови, со што би се зголемил постојниот капацитет за превоз на патници. Во соработка со федералната власт, Лозана во иднина планира да ја изгради и третата метро линија. Граѓаните на референдумот од 2014 година го одобрија градителскиот проект, кој ќе почне да се изведува во 2018 година. Новата траса треба да ги поврзе западните делови од Лозана со центарот на градот и да се надоврзе на постојната линија М2 кон пристаништето.
Идниот развој на лозанското метро предвидува изградба на двоцевен тунел под главната железничка станица. Планот на локалните власти е до 2025 година да се прошири должината на метро, но и да се зголеми максималниот капацитет на постојните две метро линии. На север, втората метро линија е предвидено да се продолжи за неколку станици кон приградските делови на Лозана. Како и во однос секој друг проект во Швајцарија, локалните власти го донесуваат решението по спроведувањето на референдум за граѓаните, на кој му претходи период од две до три години посветен на стручна анализа и за подготовка на документацијата.
Лозанското метро претставува успешен пример за континуиран развој на јавниот превоз во помалите градови на кои треба да се огледа Македонија. Новите проекти се надоградуваат на веќе донесените транспортни решенија кои се покажале како успешни, следејќи ги секојдневните потреби на граѓаните. Метрото е изградено да им служи на граѓаните, а не обратно. Иако самиот систем во целост не претставува метро во вистинска смисла на зборот, бројките на превезени патници во Лозана се поголеми од многу неуспешни проекти за метро ископани длабоко под земја во Источна Европа. Со лозанското метро во изминативе години се превезуваат над 40 милиони патници годишно, што претставува фантастична бројка за град што има речиси идентичен број на жители со Општина Куманово.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk