Просторот околу новото кино „Манаки“ на Широк сокак во Битола ќе биде партерно уредено. Општината потпиша договор за реализација на овој зафат, со што треба целосно да се заокружи долгогодишниот проект за изградба на овој објект. За партерно уредување на просторот се обезбедени над 1,6 милиони денари, а градежните работи се очекува да завршат во рок од три месеци. За изведувач е избрана фирмата „МС Конструктор“ од Битола. Објектот во иднина треба да стане домаќин на меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, кој во сиот изминат период се одржуваше единствено во Домот на културата во Битола.
Новото кино „Манаки“ има површина од 378 метри квадратни, вклучувајќи ја салата за проекција на филмови која што има капацитет од 150 седишта. Објектот има музејски простории, заедно со планираните восочни фигури на браќата Манаки. Градбата ја следи автентичната архитектура на некогашниот објект, кој бил срушен во 1939 година. За реализација на целиот зафат беа потребни повеќе од пет години и финансиски средства од околу 30 милиони денари.