Граѓаните од денес до 31 август годинава ќе можат да аплицираат за субвенции за вградени ПВЦ и алуминиумски прозорци, како и за инсталирани сончеви колектори во нивните објекти. Министерството за економија ги распиша двата огласи за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени елементи со кои се подобрува енергетска ефикасност на објектите и се ползуваат обновливите извори на енергија. Со средства од државниот буџет ќе се покријат до 30% од направените трошоци за вградување на сончев колектор, но не повеќе од 300 евра. Бенефицијата можат да ја искористат оние граѓани кои досега не добиле субвенција за оваа намена во периодот од 2007 година до денешен ден. Извлекувањето на добитниците на субвенции ќе се одржи на 22 септември во спортската сала „Борис Трајковски“.
Во делот на вградувањето на ПВЦ и алуминиумски прозорци, Министерството за економија ќе надомести до 50% од трошоците за нивна изведба, но не повеќе од 500 евра по поднесено барање. Доделување на оваа субвенција ќе се одвива во согласност со принципот „прв дојден, прв услужен“. За овие надоместоци ќе може да се аплицира до министерството сè до искористувањето на планираните средства во висина од 20 милиони денари, но не подоцна од 31 август. Сите баратели на субвенција ќе мора да достават писмо со пополнет образец за субвенција и доказ дека е извршено купувањето на самиот материјал (фискална сметка или фактура со извод од банка).