Досегашната власт на ВМРО-ДППМНЕ планира да гради грандиозен објект на локалитетот Скупи, при што веќе се обележани деловите од остатоците на античкиот објект што треба да се рушат. Со вакво обвинување денеска излегоа од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, барајќи веднаш да престане уништувањето на ова културно наследство на Македонија. „Намерата е преточена и во Годишната програма за 2017 година, каде наместо конзервацијата за којашто тврдеше Канческа Милевска, сега е наведено дека ќе се прави „делумна реконструкција на сценската зграда на театарот во Скупи“ истакна Роберт Алаѓозовски, претседател на Комисијата за култура на СДСМ.
Од СДСМ предупредуваат дека важечкото решение за Скупи предвидува забрана за поставување на какви било објекти на просторот заштитен како споменик на култура. Социјалдемократите велат дека не се знае вистинскиот изглед на некогашниот театар, па оттука е и нејасно како ќе се извршат конзервациските активности. Тие се сомневаат дека на локалитетот ќе се издигне армирано-бетонска конструкција за театар.
На обвинувањата од СДСМ со своја реакција излегоа од партијата ВМРО-ДПМНЕ. “Обидите на некомпетентниот Алаѓозовски за политизирање на тема култура се навреда и за граѓаните, но пред се на стручната јавност која со години наназад се вклучени и посветено работат на локалитетот Скупи“ посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од Управата за заштита на културното наследство велат дека нема да се рушат никакви градби или елементи од културното наследство при досегашните или идните активности предвидени на или околу античкиот театар. Тие потенцираат дека се најдени доволни информации за изгледот на театарот за време на археолошките истражувања што траеле од јуни 2013 до мај 2016 година.
„Во врска со наведената делумна реконструкција на сценската зграда на античкиот театар, повторно господинот Алаѓозовски ја покажува својата неинформираност и незапознаеност со активностите околу античкиот театар. Имено конзервацијата на сценската зграда е завршена во 2016 година, а на сценската зграда во моментов е невозможно да се направи целосно реконструкција од проста причина што на дел од сценската зграда се наоѓаат современи христијански гробишта“ велат од Управата.
Античкиот театар во Скупи ќе собира дури 9.000 гледачи и него треба да го гради тетовската компанија „АК Инвест“. Управата за заштита на културното наследство уште во летото 2016 година потпиша договор тежок 7 милиони евра за изградба на репликата на дамнешниот објект, а во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека тој ќе служи за одржување на културни настани. Проектот за изведба на Античкиот театар прв го соопшти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во февруари 2016 година.