Амбасадорот на Европската унија во Македонија Самуел Жбогар денеска ја посети локацијата на која во моментов се гради пречистителна станица за отпадни води во Кичево. Од кичевскиот градоначалник Фатмир Дехари тој беше информиран за текот на изградбата на инфраструктурниот објект. Со пречистителната станица треба да се опфатат отпадните води од општина Кичево, со капацитет за сервисирање на 32.000 еквивалент жители и можност за натамошно надоградување на капацитетот до 45.000 еквивалент жители. Изградбата на инфраструктурниот објект се одвива во согласност со предвидената динамика, така што истиот треба да биде завршен до средината на 2017 година.
Вредноста на целокупниот проект изнесува 8,6 милиони евра, кои во најголем дел се обезбедени преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА). Со изградбата на пречистителната станица за отпадни води ќе се реши проблемот со загадувањето на реките Треска и Вардар. Проектот се спроведува во соработката помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање со општина Кичево и со ЈП „Комуналец“ од Кичево. Договорот за реализација на проектот беше потпишан во декември 2015 година.
Со денешната посета на Кичево, Делегацијата на ЕУ во Скопје ја започна кампањата „ЕУ за тебе“ со која ќе ги информира граѓаните за помошта што ја доделува Европската унија за значајни проекти што се реализираат во нашата земја.