Градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски на денешната прес-конференција ја најави изградбата на четири нови улици во населбата Стар Аеродром. Заедно со скопскиот градоначалник Коце Трајановски, тие говореа за развојот на патната инфраструктура во оваа општина за периодот од 2017 година. Општина Аеродром ќе изведе фекална и атмосферска канализација, асфалтирање, тротоари и јавно осветлување на улиците „Пандил Шишков“, „Вангел Тодоровски“ и новопроектираните улици 4 и 5 со вкупна должина од 800 метри и со широчина од 7 метри.
* Извор на фотографија: Општина Аеродром
Заедно со веќе реконструираната улица „Методија Шаторов-Шарло“, со претстојниот инфраструктурен зафат ќе се зајакне инфраструктурата во населбата Стар Аеродром, која се очекува да го задоволи капацитетот за новите станбени објекти во овој дел од општината. Во соработка со Град Скопје, во 2017 година ќе биде реконструирана улицата „Васко Карангелески“, заедно со пробивањето на нова улица од булеварот „Трета Македонска бригада“ до воениот базен. Во делот на патната инфраструктура, Градот Скопје годинава треба да ја заврши реконструкцијата и проширувањето на булеварот „Трета Македонска бригада“.