Советот на град Скопје на денешната седница го усвои Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во скопскиот регион. Градските власти предвидуваат 51 мерка за надминување на актуелниот проблем, вклучувајќи ја целосната забрана за греење на јаглен во домаќинствата и задолжителното приклучување на парно греење на сите нови објекти во главниот град. Меѓу најновите мерки, Градот Скопје им забранува на граѓаните да го користат дрвото за греење во оние населби каде што постои можност за приклучување на централното греење. Планирано е сите мерки да се имплементираат до 2027 година, при што за дел од нив ќе се бара помош од државата, дел ќе се финансираат од локалниот буџет, но во надминувањето на проблемот ќе мора да придонесат и граѓаните со сопствени средства.
Паралелно со гласањето во градскиот совет, водечките политички партии денеска меѓусебно се обвинуваа за постојната состојба со воздухот во Скопје. Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски на прес-конференција посочи дека главен проблем за спроведување на мерките се финансиите кои не се предвидени во државниот и во градскиот буџет за 2017 година. Тој обвини дека сето она што е предвидено во донесениот документ не може да биде реализирано согласно буџетот на Град Скопје за оваа година.
„За Коце Трајановски е скапо да плати над 1 милион евра за намалување на загаденоста. Во исто време за него не е скапо да плати 6 милиони евра само за нови барокни фасади. За него не е скапо и најде пари, веќе 20 милиони евра за Панорамско тркало. Само со овие пари може да се спроведат 36, според градацијата на самиот Град Скопје, скапи мерки за намалување на загаденоста на воздухот“ изјави Дамјан Манчевски од СДСМ.
Од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ посочија дека СДСМ имал можност да инвестира во текот на нивното владеење, но не направил ништо. Тие посочуваат дека во периодот на владеењето на СДСМ не се инвестирало во засадување на нови дрвја и во изградба на сообраќајници. „СДСМ не набави ниту еден автобус и тогаш по скопските улици се возеа автобуси постари од 25 години кои го загадуваа воздухот“ се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата нагласуваат дека решавањето на проблемот со квалитетот на воздухот во Скопје бара системско решение.