Претходна статија
Со забрани за греење на јаглен и дрва ќе се подобрува воздухот во Скопје
Следна статија
Ќе се изработи основен проект за Јужен булевар

Град Скопје со нова одлука за избор на концесионер за „Дрисла“

Објавено на 26.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Советот на град Скопје денеска повторно донесе одлука за избор на приватен партнер за вложување во депонијата „Дрисла“. Со гласовите на советниците од владејачките партии, италијанската фирма „ФЛЦ Амбиенте“ ја доби концесијата за стопанисување со депонијата. Најновото гласање на советниците доаѓа по донесената судска одлука на Управниот суд и на Вишиот управен суд. Од опозициската партија СДСМ велат дека судската одлука означува запирање на постапката за избор на концесионер, додека градоначалникот Коце Трајановски сака да донесе нова идентична одлука за истата компанија. Социјалдемократите велат дека ова е второ поништување на концесискиот договор од страна на судот.

 

Од СДСМ денеска јавно побараа да се донесе одлука за запирање на постапката и за распишување на нов јавен повик за јавно-приватно партнерство за депонијата „Дрисла“. Советникот од СДСМ, Драги Давчевски побара активирање на банкарската гаранција поради неисполнување на обврските од приватниот партнер „ФЛЦ Амбиенте“ од Италија. „Иако приватниот партнер, италијанската фирма „ФЛЦ Амбиенте“ вети инвестиции од 80 милиони евра за модернизација на депонијата, до денеска нема ниту една инвестиција. Има само неколку мали интервенции како канали и преливници кои се изградени со пари на градот“ посочи советникот Давчевски од СДСМ.

 

 

Директорот на депонијата „Дрисла“ Горан Ангеловски посочи дека Вишиот управен суд донел судска одлука со која е потврдена транспарентноста на целата постапка за избор на концесионерот. „Тендерот беше спроведен според сите закони и ако ја читате погрешно може да дојдете до погрешни заклучоци. Како што пишува во пресудата, сите наводи на тужителот излегле дека не се точни, и дека има направено само технички грешки во донесувањето на одлуката, кои Градот на денешната седница треба да ги поправи“ изјави тој.

 

Приказната за инвестирање во развој на депонијата „Дрисла“ почнува уште во 2013 година, кога е потпишан првичниот договор со италијанската компанија. Концесионерот требаше да ја добие депонијата „Дрисла“ на стопанисување во период од 35 години, во чии рамки ќе треба да инвестира 73 милиони евра во нејзиниот развој. Германската компанија „Шолц“, како второрангирана на тогашниот повик за воспоставување на јавно-приватно партнерство, поднесува тужби до македонските судови, барајќи поништување на целокупната постапка.