Претходна статија
ЕУ со 50 милиони евра ќе поддржи енергетски проекти во Западниот Балкан
Следна статија
Пречистителната станица за отпадни води во Тетово ќе почне да се гради догодина

ИНТЕРВЈУ: „Скопје 2014“ е градење на перцепција за силна држава

Објавено на 10.02.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Маруша Зорец е словенечка архитектка и вонредна професорка на Архитектонскиот факултет во Љубљана. Во тежиштето на нејзината професионална кариера се наоѓа реновирањето на историски објекти. Заедно со неколку архитекти, Маруша Зорец го основала колективот на архитекти Arrea arhitektura. Таа е една од основоположниците на проектот evidenca.org, кој е насочен кон евиденција и валоризација на Словенечката модернистичка архитектура во периодот 1945-1970 година. Маруша Зорец во ова интервју посочува дека не знае за некој друг град во светот што имал проект сличен на „Скопје 2014“, во кој објектите од еден период се трансформираат во некој друг период од минатото.

 

*Горишката библиотека „Франце Бевк“ во Нова Горица (Војтех Равникар, Маруша Зорец и Роберт Потокар); Фото: Бојан Блажевски

 

Колку што можам да избројам, во проектот „Скопје 2014“ се вклучени помеѓу 77 и 100 објекти што е предвидено да се рефасадираат. Секој од нив со различен архитектонски стил и период зад себе. Како би можеле да го опишете актуелниот процес на менување на фасадите на постојните зданија во Скопје?

Зорец: Единствената работа што можам да ја кажам е опустошување. Можам да ја споредам со некои процеси од минатото, бидејќи промени веќе се случувале и порано, но секогаш во смисла на изградба на стил на нашето време, а не и на одење назад кон минатото. Ова е по малку чудно, да не речам погрешно. Следствено на ова, имам многу сомнежи дали ова е навистина професионално. Исклучително ми е жал за неразбирањето и губењето на архитектурата од дваесеттиот век.

 

Скопје по земјотресот од 1963 наспроти „Скопје 2014“. Ако во минатото за Скопје говоревме со клучниот збор „солидарност“, каква филозофија или клучен збор можеме да го прилепиме на проектот „Скопје 2014“?

Зорец: Клучниот збор би бил градење на перцепција за силна држава. Но, дали се работи за демократска, во тоа не сум сигурна.

 

На списокот на модернистички објекти заштитени со закон во Скопје е впишано само едно здание – Градската болница изработена по проект на хрватскиот архитект Драго Иблер. Сето останато, вклучувајќи ја Народно-универзитетската библиотека и Музејот на современа уметност, се вметнати на листата единствено поради тоа што имаат вредни збирки на книжни дела, артефакти итн. Можете ли да ја искоментирате ваквата состојба со македонскиот Национален регистар во однос на заштитените модернистички зданија лоцирани во Скопје?

Зорец: Можам да ја споредам оваа ситуација со она што го имавме ние пред 20 години. Кога започнаа промените во нашата земја на почетокот од 90-те години, речиси ниту еден објект од дваесеттиот век не беше заштитен со Националниот регистар. Спомениците беа единствените вметнати објекти, но поради друга вредност, а не архитектонската. Но, со некои од настаните кои ги организиравме промовирајќи ги квалитетите на оваа архитектура, ние успеавме да го убедиме Институтот за заштита на нашето наследство да ги земе под закрила овие објекти. Нивниот став беше дека можеме објективно да ги вреднуваме квалитетите на оние објекти кои имаат старост од 30 години. Ова е на некој начин вообичаената професионална позиција и во другите земји, така што мислам дека сите овие објекти за кои говориме денес се доволно стари, сега е времето кога би можеле да погледнеме на нив од пообјективна перспектива. Следствено на ова, би ги окуражила градските и државните власти да направат евиденција и вреднување, навистина да го проверат секое добро парче архитектура изградено во дваесеттиот век и да го заштитат. Ова е единствениот можен начин за тоа како би можеле да ги заштитиме објектите кои сè уште постојат. Во спротивно, ниту едно законодавство не може да помогне, и што е уште потажно, многу грижа за ова не водат ниту професионалците-архитекти.

 

Словенечката архитектура од пост-земјотресно Скопје се наоѓа пред опасност од проектот „Скопје 2014“. Културниот центар-Скопје е обиколен од шест објекти и во моментов Градот Скопје планира да ги промени фасадите на некои објекти од Културниот центар. Пред Универзитетскиот центар-Скопје владата гради две т.н. барокни згради. Како би го опишале постојниот напад на модернистичкото наследство кое словенечките архитекти го оставија зад себе во Скопје?

Зорец: Мислам дека објектот на Културниот центар, изработен од „Биро 71“, е многу важно дело, и тоа не само за Скопје, туку и за целокупното наше градителско наследство од дваесеттиот век. Оттука, навистина ми е жал што слушам за тоа што се планира. Овде (н.з. Словенија), разбирањето на архитектурата од дваесеттиот век малку порасна во изминативе години. Имавме поголема поддршка во случајот со Плечник, и поаѓајќи од разбирањето за значајноста на неговото творештво, на некој начин пополека расте разбирањето и почитувањето на делата и на другите архитекти. Заштитата на авторите кои се и понатаму живи не помага во вакви случаи. Ние имавме лошо искуство со случајот на болницата во Изола изработена од Станко Кристл, каде што не успеавме да го заштитиме неговото творештво. Авторските права вообичаено се наоѓаат под правото на сопственост, така што сопствениците имаат поголема моќ во одлучувањето за тоа што ќе се случи со зградата отколку што е тоа случај со авторите. За жал, Кристл го изгуби случајот и неговиот објект беше трансформиран.

 

Можете ли да ми наброите еден главен град или друг поголем град од светот кој денес или во поблиското минато се соочил со проект сличен на „Скопје 2014“?

Зорец: Не, не можам. Не знам за град во светот што ги трансформира објектите од еден период во некој друг период од минатото. Менувањето на објектите во посакуваната замисла за тоа како главниот град треба да изгледа беше случај единствено со Романија во времето на Чаушеску. Многу е тешко да се разбере дека архитектите кои ги рефасадираат овие објекти не почитуваат нешто што е изградено пред нив. Овие зданија беа изградени од многу македонски и странски архитекти и непочитувањето на овие архитектонски квалитети не е професионално. Ние во архитектурата ги гледаме квалитетите на односот со околниот простор, функционалната организација во развојот на конкретен архитектонски јазик. Но, луѓето обично ја гледаат архитектурата повеќе или помалку како претставување на нивната визија за општеството или за државата. На ним им требаат за свртување на вниманието и тоа е причината поради која овие згради се толку големи и лоши. На некој начин, нивната причина е погрешна бидејќи архитектурата треба да се изроди за да помогне и да осигура подобар живот. Но, во овие случаи, таа единствено претставува конкретна моќ.

 

Можете ли да ни кажете нешто повеќе за улогата на пост-земјотресните објекти од Скопје во Југословенската модернистичка архитектура? Кое место го зазема Скопје во ова културно наследство од втората половина на дваесеттиот век?

Зорец: Интересот за оваа архитектура од поранешните југословенски републики расте од година во година. Денес светот навистина почна да ја забележува оваа архитектура, вистински да ги вреднува нејзините архитектонски квалитети, и тоа не само поради тоа што беа направени во држава која на некој начин беше заборавена. И денес ние ги уништуваме нив. Ова не е единствената работа поради која ми е жал за тоа. Второто е што лично сметам дека во нашево време не сме повеќе способни за да изградиме таков вид на архитектура. Следствено на ова, ние не се движиме нанапред во однос на тие години, туку помалку назадуваме. Од овие причини, нашата генерација е многу заинтересирана за оваа архитектура, бидејќи во неа изгледа дека се присутни вистинските вредности на добрата архитектура. Мислам дека светските придвижувања во архитектурата одат на некој начин повторно во оваа насока – враќање назад кон вистинските вредности. Оттука, жално е да се изгубат некои добри примери од архитектурата.

 

Пронајдов многу архитектонски зданија што се заштитени како културно наследство во последниве пет години во земјите од Средна и од Југоисточна Европа. Можете ли да ми дадете неколку позитивни примери од Словенија во случаите кога локалните и државните власти одлучиле да заштитат модернистички зданија како културно наследство?

Зорец: Можам да ви дадам неколку позитивни и негативни примери. Во 2000 година започнав да работам на оваа тематика. Двајца мои студенти дојдоа да ме прашаат за помош. Тие сакаа да докажат дека напуштено модернистичко здание што самите го одбрале е доволно добро за да биде користено и реновирано. Тие направија студија за неговата конструкција за да покажат дека тоа може да се зачува и потоа се одлучивме да направиме листа од 100 објекти изградени во периодот од 1945 до 1970 година. Сето тоа беше објавено на Интернет, може да се најде на веб-страницата evidenca.org.  Во моментот кога беше објавена, срушена е првата од избраните згради. Некој ја купил за да го добие земјиштето на кое ќе гради висококатница таму. Порано објектот се простираше на два ката, а сега тие планираат да изградат девет ката на истото место. Оттука, тоа беше голема добивка за тој што ја продаде зградата. Со архитектонското наследство често се тргува за да се профитира од локацијата. Ова е едно. Втората работа е што на модернистичката архитектура се гледа како на социјалистичка архитектура, на нешто што доаѓа од време со кое ние повеќе не сакаме да бидеме поврзани. Објектите често се наоѓаат во многу лоша состојба, поаѓајќи од фактот дека се поминати 30 или 40 години од нивната изградба и често тие биле издигнати на експериментален начин. Оттука, материјалите се лоши и постои потреба да бидат реновирани. Поаѓајќи од тоа, нивниот изглед не е секогаш пријатен. Третата работа што ги прави промените е сопственоста. Поаѓајќи од политичките промени, сопствениците и намените беа неодамна променети и ова придонесе за конкретните барања што имаа влијание врз архитектурата. Во изминативе 20 години изгубивме повеќе од 10 значајни архитектонски зданија од 50-те, 60-те и 70-те години на дваесеттиот век. Некој би рекол дека јас се противам на напредокот бидејќи се борам за заштита на овие објекти. Тоа не е точно. Сите зданија што ги замениле овие градби се многу полоши во било која смисла – функција, однос кон просторот, а да не говорам за архитектонскиот јазик и квалитетите. Верувам во напредокот, единствено ако навистина се движиме во вистинска насока, ако не одиме наназад. Позитивниот пример што можам да ви го дадам е како тоа ние успеавме да зачуваме еден мал објект изработен од архитектот Едвард Равникар. Тоа беше книжарница продадена на нов сопственик како некоја недвижност. Тој ја купи за да извлече закупнина од неа. Се одлучи да ја промени намената од книжарница во продавница за козметика. Тој веќе имаше договор и одобрение за градење за промена на полунивоата во едно ниво и за препокривање на таванот од бетон и дрво во нешто стандардно. Да се покријат стаклените ѕидови на продавницата со полици. Ние го откривме ова. Протестиравме и успеавме да го укинеме одобрението за градење. Сопственикот беше многу лут и сето ова траеше неколку месеци. Во овој период ние организиравме протести, објаснувајќи дека ова дело е значајно, но не само тоа, туку и другите дела. Едно утро, сопственикот се јави на еден од нашите професори и му рече дека се премислил: „Ќе послушам и ќе се обидам да пронајдам адекватна намена и архитект кој ќе го направи тоа онака како што е потребно“. Ова значи дека е возможно да го убедите некој што не е архитект за да го почитува архитектонското мислење, и на крај, да ја реновира зградата. Денес таму има ресторан, но можете да влезете внатре и да видите. Тоа е јавен објект, но може да ги забележите сите квалитети и полунивоа, бетонските столбови и таванот, и можете да го забележите односот на ентериерот со екстериерот. Ако ова беше возможно да се направи, тогаш ние мора да бидеме оптимисти.

 

Словенија има извонредна модернистичка архитектура од втората половина на дваесеттиот век. Како словенечкото општество денес се справува со модернистичката архитектура?

Зорец: Генерално земено, општеството не покажува вистинско разбирање за ова, но тие навистина не се свесни за нејзините реални квалитети. Таа има изградено однос со корисникот и со околниот простор, има однос со јавното и со приватното, сè беше подобро од денес, кога инвеститорите вообичаено се водат од сите оние потреби за тоа како ова би било направено. Тие најчесто се насочени кон формата и архитектонскиот изглед. Во некои случаи, оваа (н.з. модернистичката) архитектура е неопходно да се реновира и може да прерасне во многу популарна.

*Станбено-деловен комплекс „Ферантов врт“ во Љубљана (Едвард Равникар); Фото: Бојан Блажевски

 

Во случајот на приземјето со делото на Равникар „Ferantov vrt“, каде во моментов имаме продавници, може да забележиме како просторот одвнатре комуницира со надворешноста. Некои од овие зданија функционираат навистина добро. Тие имаат корисници и работат многу добро.

 

Каков е пристапот на словенечката држава и локалните власти кон вреднувањето и конзервацијата на добро познатите модернистички зданија во вашата земја?

Зорец: Ние откривме дека единствено објектите вметнати во списокот се заштитени со закон. Имаме три нивоа на заштита. Само ако се вметнати во списокот, институцијата за културно наследство може да помогне во процесот на справување со одобрението за градење. Следствено на ова, тие го сопираат некој што сака да урне објект и барем му даваат совет како да се справи со оваа градба. Најчесто тие се расположени за соработка. Ние се обидуваме да направиме валоризација и да направиме „Evidenca“ за сите овие објекти, но и понатаму наоѓаме некои што не се вклучени во списокот. Ако направите вака и ги побарате нив, тогаш тие ќе ви помогнат. Организиравме неколку семинари со предавања на оваа тематика, покажувајќи ги квалитетите на оваа архитектура. Помеѓу сите овие конзерватори може да пронајдете луѓе кои навистина ги почитуваат вредностите на оваа архитектура. Мислам дека емпатијата е основа за ваков вид на поддршка.

 

 

 

Разговорот го водеше и го преведе од англиски на македонски јазик: Бојан Блажевски. Ова интервју е дел од новинарското истражување на тема „Недовербата меѓу архитектите и политичарите: Случајот на „Скопје 2014“, спроведено во рамки на Балканската стипендија за новинарска извонредност, со поддршка од ERSTE Foundation и Open Society Foundation, во соработка со Balkan Investigative Reporting Network.