Ќе влезе ли македонската влада со нов објект во дворот на скопската општина Центар? Владината служба за општи и заеднички работи го избра идејното архитектонско решение за изградба на Стара учителска школа во центарот на Скопје. На распишаниот владин Конкурс биле поднесени само три авторски труда, од кои два се откупени. Првиот откуп во висина од 350.000 денари е доделен за изработено решение на авторот Петар Стошиќ, додека вториот откуп од 250.000 денари го добила авторката Калина Герасимова. Идниот објект од „Скопје 2014“ би требало да има образовна намена, при што во него би се сместиле Факултетот за ликовни уметности при УКИМ и Ликовната академија од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“.
* Постојните бараки на општина Центар како можна локација за изградба на Старата учителска школа
Од ВМРО-ДПМНЕ веќе во неколку наврати го најавија најновото градителско чедо од „Скопје 2014“. „Ќе се доизградат новите објекти за потребите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и Факултетот за физичка култура, ќе изградиме нови современи објекти за Универзитет „Дамјан Груев“ и посебен за медицинскиот факултет како и нов објект за Универзитет „Мајка Тереза“ и повторно ќе ја изградиме старата учителска школа за потребите на високото образование“ изјави Никола Груевски на предизборниот митинг во Скопје кон крајот ноември 2016 година. Провладините медиуми веќе неколку пати објавија сентиментални најави за повторно враќање на Старата учителска школа во дворот на општина Центар во населбата Дебар Маало.
Според податоците од постојниот урбанистички план „Дебар Маало 1“, ваквата владина идеја ќе мора да ја добие поддршката од градоначалникот и од советот на општина Центар. Единствената маркичка за изградба на нов објект е просторот на кој во моментов се наоѓаат бараките на општинската администрација од Центар. Земјиштето е со намена за изградба на објект за државни институции и органи на локалната самоуправа, но градоначалникот Андреј Жерновски во неколку наврати изјави дека нема намера да гради нова општинска зграда на таа локација. Една од причините за противење на ваквата идеја е можноста во срцето на Дебар Маало да се изгради објект со висина од дури 15 ката.
Најновата владина идеја за изградба на Старата учителска школа треба да ги доведе во Скопје и предавачите по класично сликарство од Украина и од Русија, кои во моментов предаваат на Ликовната академија на штипскиот универзитет. Извршната власт замислила да ги спои во исти простории студиите од Штип, кои се стари само неколку години, со оние од Факултетот за ликовна уметност. Во меѓувреме, скопскиот факултет се соочува со просторни проблеми, поаѓајќи од фактот дека наставата ја изведува на две локации – во Сули ан и во просториите на Педагошкиот факултет. Конкурсот за избор на идејно решение за планираната Стара учителска школа беше распишан кон крајот на септември 2016 година.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk