Претходна статија
Од Кина ќе набавиме четири електрични локомотиви
Следна статија
Пропадна уште еден тендер за реконструкција на охридскиот кеј „Македонија“

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од изградбата на охридска марина и нов пат Охрид – Пештани

Објавено на 11.01.2017 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од изградбата на охридската марина кај каналот Студенчишта и новиот експресен пат од Охрид до Пештани. Пратеникот Љубен Арнаудов од оваа политичка партија на денешната прес-конференција потсети на двата проекта што треба допрва да се реализираат. Тој посочи дека двата проекти се од „витално значење за развој на градот“.

 

 

„Марината ќе се гради на локацијата пред центарот за обука на вода на АРМ и езерската полиција. Ќе има најсовремена инфраструктура која ќе овозможи сместување на минимум 300 помали пловни објекти, 10 бродови и осовременување на пристапите за бродови и зголемување на просторот за маневрирање. Исто така марината ќе има и други содржини како ресторан, продавница за наутичка опрема, сервис за пловила, бензинска пумпа, паркиралиште за возила и приколки, административен дел и магацински простор“ посочи Арнаудов. Тој додаде дека во наредниот период ќе се гради и ветениот експресен пат Охрид-Пештани, чија должина изнесува 14,5 километри.

 

Ваквата позиција на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по предупредувањата на УНЕСКО дека Охрид може да се најде на листата на градови во опасност, која е само чекор до одземањето на статусот на светско културно наследство. Оваа организација им даде рок на државните власти до 1 февруари за доставување на извештај за статусот на конзервација и преземените чекори за заштита на Охридскиот регион. Ако не се соработува со УНЕСКО, нашиот најпознат туристички центар може да се најде пред опасноста да биде избришан од престижната листа.

 

Во меѓувреме, еколошките организации од земјава и понатаму ја собираат меѓународната петиција за заштита на Охридското езеро. На иницијативата се потпишани речиси 19.000 граѓани од целиот свет, а истата е предвидено да му се предаде на охридскиот градоначалник Никола Бакрачески и на премиерот Емил Димитриев. Стравувањата на граѓаните се дека двата проекта се само параван за поголеми зафати кои немаат голема поврзаност со жителите. Позади идната марина, во каналот Студенчишта е планирано да се гради голема елитна населба, додека патот до Пештани би можел да биде врска до идниот скијачки центар на Галичица.