Претходна статија
Народната банка најде 24 милиони евра за „барокна“ зграда
Следна статија
Свечено собрание по повод 40 години постоење на Друштвото на градежни конструктори

ПРЕДАВАЊЕ: Скопјани научија за развојот на урбаните градини во градовите

Објавено на 23.11.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

„Ќе се угушите од ѓубре“ ни порача Јан Зијлстра на вчерашното предавање на тема „Урбани градини за зелени градови“ што се одржа во Кино Култура. Еден од најзначајните поборници на пермакултурата и одржливиот развој во Европа ги искритикува скопјани дека огромен јавен простор во центарот на Скопје стои неискористен, претворен во депонии, без визија за развој на урбаните градини. „Поубаво е да живееш во место во кое живеат растенија, овошје и зеленчук кои имаат прекрасен мирис и го освежуваат воздухот“ посочи Зијлстра.

 

 

Во своето предавање тој се задржа на развојот на урбаното градинарство како една од најактуелните теми во урбанистичкиот развој на градовите денес. „Треба да се одгледува храна во местата каде што живеат луѓето, а тоа се градовите“ вели Зијлстра. Тој смета дека Скопје како град има извонредни услови за развој на пермакултурата, но и дека не е изградена свест меѓу самите жители на оваа тема. Зијлстра посочува дека засадувањето на зеленчук, овошје, но и на други растенија, може да започне на било кој дел од градот. Од самиот дом, крај прозорецот или на балконот, на ѕидовите од зградата и на самиот покрив.

 

 

Предавачот од Холандија нагласи дека урбаното градинарство може да се развива поеднакво во новите и во постоечките објекти. Особен тренд во изведбата на современи објекти се покривите со градини, за кои понекогаш е неопходно да се вложат огромни финансиски средства за нивна реализација. Но, тој посочи дека самите граѓани треба да се обидат најпрво со засадување на растенија во својот дом, за што е потребна единствено волја и минорни финансиски средства. Тој нагласи дека одредени градови од Кина лоцирани во пустината Гоби го решаваат проблемот со недостиг на зеленило преку изведба на градини од грозје и киви како составен дел од пешачките зони. Во американскиот град Денвер со одгледувањето на урбаната храна се отвораат и нови работни места.

 

 

Зијлстра напомена дека на развојот на комунални градини веќе работел во Косово, но и дека очекува вакви експериментални зафати да се создадат и во нашата земја. „Со ваквите градини ќе се создадат нови јавни простори каде ќе се собираат луѓето и ќе направат нешто“ посочи тој. На крајот од своето предавање, Зијлстра нагласи дека не постојат ограничувања за развојот на градинарството во градовите, а лично тој, смета дека урбаните средини имаат многу поголем потенцијал за производство на храна од нивите во селските средини. Вчерашното предавање на Јан Зијлстра беше организирано од студентската културна иницијатива „Отворен Куфер“.

 

 

Текст, фото: Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk