Универзитетскиот професор Миле Димитровски од Машинскиот факултет е избран за нов претседател на Комората на овластени архитекти и инженери на Република Македонија. Тој ја доби поддршката од апсолутното мнозинство присутни членови на изборното собрание што се одржа на 17 декември. Изборот на раководното лице се изврши во конкуренција на четири кандитати. Професорот Димитровски ќе ја извршува оваа функција во наредните четири години. Во рамките на својот досегашен ангажман, Миле Димитровски беше раководител на одделението за машинство при комората, член на управниот одбор и одговорно лице за меѓународни активности.
Комората на овластени архитекти и инженери брои над 3.000 активни членови. Основана е во декември 2007 година и е единствена инженерска комора во земјава која поседува јавни овластувања согласно легислативата за издавање на овластувања на инженерите за нивно професионално работење.