Љубовта кон трамвајот кај сараевчани е работа која никогаш нема да се промени во босанскиот главен град. И не само кај нив, туку и кај посетителите на Сараево. Неколку децении наназад за ова превозно средство се испишани бројни книжевни дела од писатели, извештаи и репортажи од новинари, во сараевскиот трамвај инспирација најдоа сликари и графичари, а за него се снимени документарни филмови и фотографски хроники. Приказните за сараевскиот трамвај ги полнат архивите на светските библиотеки, раскажани од разни табиети на луѓе кои, за прв пат, ќе седнат во трамвајот на главната железничка станица, по долготрајното патување со воз од некоја далечна дестинација. Епилогот е секогаш речиси ист, трамвајската линија со број 1 ги носи посетителите до славната Башчаршија, а од ова место секој се враќа со позитивни доживувања.
Приказната за трамвајот во босанскиот главен град започнува на 1 јануари 1885 година. Австриецот Јохан Ханке ја пишува историјата на градот, управувајќи го првиот трамвај влечен од коњи на линијата долга 3,1 километри, од Ферхадија до тогашната железничка станица во Сараево. Трамвајското возило имало капацитет да превезе 28 патници и почнувало да сообраќа секој ден во 5 часот наутро, еден час пред тргнувањето на првиот воз од железничката станица. Според книгата „Сараево. Трамваи и тролејбуси“ на Јан Чихак, трамвајската пруга ја изградила австриска фирма од Грац. Испишаните хроники за ова превозно средство говорат дека Сараево е еден од првите градови во светот во кој е воведен трамвај, а можеби и првиот во Европа во кој истиот почнал да се движи на електричен погон. Електричниот трамвај започнал да сообраќа во Сараево на 1 мај 1895 година.
Жестоката борба на сараевчани за тоа кој европски град прв го вовел електричниот трамвај се одвива до денешен ден. Меѓу жителите и понатаму кружи приказната за почетоците на ова превозно средство. Имено, пред да го пуштат во сообраќај на улиците на Виена, австро-унгарските власти се обиделе да ги тестираат резултатите од воведувањето на трамвајот во некој друг град, при што конечниот избор паднал на Сараево. Позитивниот исход од користењето на ова превозно средство во Сараево довеле до донесувањето на одлуката за негово инкорпорирање и во животот на другите поголеми градови низ тогашна Австро-Унгарија.
Наспроти митот што кружи меѓу жителите на Сараево, историчарите имаат поинаква приказна за трамвајот. На колосекот со ширина од 760 мм, за прв пат почнал да сообраќа електричниот трамвај на 1 мај 1895 година. Дел од експертите и денес се спротивставуваат на тврдењето дека Сараево бил полигон за тестирање на предностите и слабостите на ова превозно средство. Тие тврдат дека трамвајот претходно веќе бил воведен во Будимпешта и во Темишвар, додека првиот електричен трамвај е тестиран во предградијата на Виена, а не во Сараево. Австро-Унгарија во тој период веќе го имала воведено трамвајот во четири града, додека истиот бил во функција и во неколку други градови во Европа.
Сараевскиот трамвај го добива денешниот препознатлив изглед во текот на 1960 година, кога е изведена голема реконструкција на трамвајската мрежа и е воведен стандардниот трамвајски колосек со ширина од 1.435 мм. Статистичките податоци за сегашноста велат дека постоечката мрежа на сараевскиот трамвај е долга 10,7 километри и се простира во правецот исток – запад, од Башчаршија преку новиот дел на Сараево до општината Илиџа. Дополнителен крак од 400 метри води кон главната железничка станица во градот.
Трамвајската мрежа во Сараево е разгранета на шест трамвајски линии со должина од 22,9 километри. Некогашната линија со број 7 е укината во 90 – тите години на XX век. Најдолга и со најголем број патници е линијата со број 3, со која може да се прошета целото Сараево од стариот дел на градот до Илиџа. Според податоците на Јавното претпријатие Градски сообраќај Сараево (ГРАС), трамвајот учествува со 50% од вкупниот број на превезени патници во јавниот превоз. Секојдневно во периодот од 5 часот наутро до 24 часот на полноќ се пуштаат во сообраќај околу 55 трамваи.
ГРАС во моментов поседува 198 трамваи во сопствениот возен парк, но поголем дел од нив се неупотребливи поради староста на возилата. Низ босанскиот главен град во најголема мерка и понатаму сообраќаат дотраените трамваи на „Татра“ купени во периодот од поранешна Југославија, додека во последните неколку години преку донации и набавки на старо од Амстердам и од Виена се добиени и трамвајски возила од производителите „Лохнер“ и „ЛХБ“.
Трамвајската инфраструктура во Сараево може да се подели на два дела. Колосекот во стариот дел на градот зазема една лента од тамошните улици и булевари. Станува збор за мал сегмент од централното градско подрачје, кој опфаќа околу три километри од целокупната мрежа. Останатиот дел од трамвајскиот колосек е одделен од патната инфраструктура, минувајќи на средината од главниот булевар во правец кон Илиџа. Од 80-те години на дваесеттиот век, во Сараево е воведен и тролејбуски превоз што ги поврзува населбите Добриња и Отока со центарот на градот. Реката Миљацка ја дели трамвајската и тролејбуската мрежа во централното градско подрачје.
Од аспект на корисник, трамвајската мрежа е најефикасно превозно средство за граѓаните кои живеат во потесното градско подрачје, кои ги опфаќаат подрачјата на Башчаршија, Ферхадија, железничката станица и новиот дел на Сараево. Патувањето со трамвај од Башчаршија до Илиџа е напорно и долго поради неговата брзина на движење и должината на трамвајската мрежа. Своевиден транспортен центар е изграден единствено во Илиџа, каде што последната трамвајска станица е и почетна точка на многу автобуски линии од јавниот превоз.
Трамвајскиот превоз доживеа сериозни оштетувања за време на опсадата на Сараево на почетокот од 90-тите години на дваесеттиот век. Според информациите на „Радио Сараево“, опсадата на босанскиот главен град започнала на 6 април 1992 година, додека трамваите непрекинато сообраќале во наредните осум дена. На 14 април 1992 година е гранатирано депото на ГРАС, при што се уништени 30 трамвајски возила, но транспортот не бил прекинат и покрај невидениот терор од ЈНА и од српските паравоени трупи. На 2 мај е извршен трагичниот напад на Сараево, со кој е уништен поголем дел од инфраструктурата и тогашните возила.
По овој злосторнички чин, трамвајскиот транспорт е целосно прекинат до зимата 1994 година. Уникатниот звук на трамвајот во текот на 1994 година повторно се слушнал на улиците на Сараево, но овој пат тој ги превезувал патниците под директна заштита на воените транспортери на тогашната мисија на ОН во Босна и Херцеговина – УНПРОФОР. Последниот голем напад на сараевскиот трамвај од страна на српските сили е извршен на 9 јануари 1996 година, кога со граната од минофрлач е погоден трамвај преполн со луѓе во центарот на градот. Опсадата на Сараево предизвика катастрофални штети на инфраструктура и на возниот парк, кои во годините по војната се санирани во најголем дел.
За на крај, треба да се спомене дека градските власти немаат план за натамошен развој на трамвајот во Сараево. Ограничувањето во натамошното проширување на трамвајската мрежа не е толку лошо, ако се земе во предвид дека трамвајот минува клучните градски населби. Експертите повикуваат на модернизација на транспортот со воведување на хабови низ градот како неколку точки во кои би се вкрстувала трамвајската мрежа со автобуските линии. Финансии од буџетот треба да се одвојат и за реконструкција на пругата во насока на постигнување на поголема брзина на движење на возилата. Без исклучок, сараевскиот трамвај во иднина треба да ги следи предностите на интегрираната мрежа на јавен превоз што веќе ја имаат европските метрополи. На Сараево во моментов му недостига одржлив транспорт.
Текст и фотографии: Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk