По катастрофалната поплава, која во саботата однесе во смрт над 20 лица, почнаа да се бројат и материјалните штети од природната непогода. Веќе трет ден по ред затворена за сообраќај е скопската обиколница, а денешните снимки од терен покажуваат дека биде потребен подолг временски период за таа да се стави во функција. Ќе бидат потребни неколку месеци за да се реконструира целокупниот пат, особено во делот пред клучката Стајковци – Црешово. Денешната слика на теренот покажува огромни пукнатини и испакнатини на асфалтот, како и уништена хоризонтална и вертикална сигнализација.
По чистењето на околниот простор, стручни екипи ќе треба да подготват детална експертиза за претстојната реконструкција на скопската обиколница. Големите количества вода успеале да ја уништат сигнализацијата на патот, да продрат под асфалтот и веројатно да го однесат долниот слој од трасата. Речиси е извесно дека ќе биде потребно да се извади целокупниот асфалт, остатоците од тампонскиот слој и подземната инфраструктураори, по што одново би се градела трасата на делот пред клучката Стајковци – Црешево.
Засега е непознато колкава е штетата на скопската обиколница што зад себе ја остави поплавата, но најверојатно дека ќе бидат потребни неколку месеци за реализација на санациониот зафат. Во тој временски период, сигурно е дека обиколницата ќе остане затворена за сообраќај, особено делницата од Оризари до Хиподром во должина од 14 километри. Изградбата на овој дел од обиколницата ја вршеше компанијата „Гранит“ од Скопје. Проектната документација за целата траса ја изработија од „Прима инженеринг“ и „Балкан консалтинг“, со реализирана ревизија од Градежниот факултет.
За проектот вреден 130 милиони евра во текот на денешниот ден се зачнаа и првите полемики. Во изјава за порталот „Фактор“, професорот Живко Велјановски од Градежниот факултет посочува за начинот на кој се спровело проектирањето на скопската обиколница. „Колку што се сеќавам ние професорите во нашата ревизија на основниот проект на обиколницата, баравме да се прифатат атмосферските води од над обиколницата, да не одат под патот и директно водите да се слеваат во Стајковци, туку инсистиравме да се обезбеди тие атмосферски води да не одат ниту над, ниту под патот, туку да се направи проект за да тие води се слеваат на безбедно, во Вардар“ посочува тој.
Навраќајќи се наназад во медиумските архиви, може да се забележи дека граѓаните од село Стајковци отворено се спротивставувале трасата на обиколницата да минува во близина на нивните куќи. Жителите на Стајковци уште во 2009 година обвинувале дека изградбата на обиколницата им ги поплавувала дворовите и домовите. Тогашните тврдења на месното население беа дека водата при поголемо невреме се слева кон Стајковци и ги поплавува куќите.
Скопската обиколница беше пуштена во употреба во јуни 2009 година, седум години по почетокот на градежните работи во 2002 година. Иако најпрво почна да се гради делницата Оризари-Хиподром, токму изведбата на овој дел од трасата се одолговлекуваше со години. Инфраструктурниот проект што го заобиколува Скопје од северната страна е дел од паневропскиот Коридор 8. Автопатската траса е изведена за да се намали транзитот на камиони, автобуси и автомобили низ Скопје, кој во минатото во западниот дел од градот се слеваше директно од автопатот во населбата Ѓорче Петров.
» Форумска дискусија за северната скопска обиколница
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk