Националната арена „Филип Втори“ во Скопје наредната година ќе биде домаќин на европскиот Супер куп во фудбал, меч во кој ќе се сретнат победникот на Лигата на шампионите и победникот на Лигата на Европа. Сепак, инспекциите на УЕФА досега утврдиле недостатоци во микс зоната, ВИП ложата, новинарската ложа, како и влезовите на источната и на западната трибина, кои ќе мораат да се корегираат пред одигрувањето на мечот.
За таа цел проектантското биро „Балкан Консалтинг“ подготви проектна документација, а Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката (АДСДП) деновиве распиша оглас за изведувач на градежни, градежно занатски и инсталатерски работи, со кои нашиот најголем стадион подготвено ќе го дочека големиот спортски настан, кој е закажан за август 2017 година.
Изработката на проектната документација од страна на „Балкан Консалтинг“ го чинеше АДСДП 57.000 евра, а претстојните градежни работи се проценува дека ќе чинат околу 2,2 милиони евра. Македонија ја доби организацијата на Супер купот на УЕФА во јуни минатата година.